Министерството за одбрана ги исплати средствата за обесштетување на вработените во Министерството и Армијата кои беа погодени во минатогодишните големи поплави во регионот на Скопје и скопско.
– Интегрална изјава на државниот секретар во МО, Драган Николиќ –
DSC_6063_resize „Во досегашната анализа на Министерството за одбрана, меѓу другото откривме и кршење на Закон за служба во АРМ, во делот на обврските на вработените во Министерството и Армијата, во случај на елементарни непогоди.
Се работи за вработени во АРМ и во МО кои биле оштетени во минатогодишните поплави во август 2016 година, а кои согласно Законот за служба во АРМ, член 188 и Колективниот договор, член 91, требало да им биде исплатен паричен надоместок во висина од една просечна плата, околу 22.000 денари, но средствата не им биле исплатени.
На барање на оштетените вработени во МО и АРМ, биле направени Решенија за исплата на овие побарувања уште во септември 2016 година, но истите не им биле исплатени и покрај тоа што паричната помош на оштетените им била потребна веднаш, во првите денови по несреќата односно по поплавата.
За овој проблем стана збор и на неодамнешната средба на министерката Шекеринска со претставниците на синдикатите во Армијата и во одбраната.
Ние во Министерството направивме ревизија на сите решенија за исплата на овие побарувања и овие обврски и го утврдивме правото на вработените за овие средства. Министерството за одбрана ги обезбеди средствата за обесштетување на вработените и можам да соопштам дека денеска веќе им се исплатени тие средства, парите се префрлени и се легнати на нивните сметки.
Го испочитувавме законот, обезбедивме средства од буџетот на Министерството за одбрана и ги обесштетивме вработените за побарувања согласно законската регулатива“.