Со туристичката населба Трпејца, синоќа, со изложба на слики од Наташа Попоска – Карче и музички настап на саксафонистот Горан Папаз, започна шестото издание „На зајдисонце во Трпејца“.
Организаторот на манифестацијата во своето обраќање најави богати содржини во наредните осум дена, со што очекува да се привлече вниманието на охриѓани и туристите. Во име на општина Охрид присутните ги поздрави заменик градоначалникот, Ангел Јанев.
„Честопати велам дека Охрид го има „Охридско лето“, додека пак Трпејца го има „Трпејчко лето“. Не е лесно да се организира една вакво културно лето. Затоа што вашето лето е многу повеќе од манифестација, ова е семејство, дружење, забава, школа, учење, ова е љубов. Чест и задоволство ми е да ве поздравам од мое име, од името на градоначалникот на Општина Охрид Никола Бакрачески и од името на градскиот совет“, рече Јанев.
Вечерта, со својот настап ја збогати охридскиот саксафонист, Горан Папаз, кој изведуваше свои авторски, преработка на домашни и странски хитови.
Денес на програмата е предвиден да се одржи концерт на учениците од ОМУ „Методи Патче“ и презентација на природното богатство што го нуди Националниот парк „Галичица“.