Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев се сретна со претседавачот на Претставничкиот дом при Парламентарното собрание на БиХ, Шефик Џаферовиќ.
“Одиме напред“ е заедничката оценка, како и дека Република Македонија и БИХ на дело ја реализираат регионалната соработка потребна за евроинтеграциите на државите.
Констатирано е дека пред Македонија и БиХ е пат за добра соработка, со оглед дека двете земји немаат отворени прашања. Исто така оценето е дека различностите во двете земји се предност за државите, затоа што тие се темел на самата ЕУ, којашто е стратешка цел и на двете држави.
На средбата се разговараше за можноста да се поттикне поголема парламентарна соработка со оглед на значајноста на парламентот како институција.
„Новата Влада на Република Македонија цели кон тоа Парламентот во Македонија да биде коректив на власта, затоа што само на тој начин е можен вистински напредок на државата“, рече премиерот Заев.
Претседавачот на Претставничкиот дом при Парламентарното собрание на БиХ, Џаферовиќ ги поздрави позитивните демократски промени во Македонија.
„Вие сте една нова надеж, еден нов импулс за регионот“, се обрати Претседавачот на Претставничкиот Дом Џаферовиќ, на премиерот Заев.
Премиерот Заев соопшти дека мирната разврска на политичката криза во Македонија отвори пат на Република Македонија во евро-атлантските интеграции, но е порака и како низ мудри, внимателни и зрели политики и пред се политичка волја е можен вистински развој и за регионот.
Премиерот Заев упати покана до претседавачот во Парламентот во БиХ, Џаферовиќ, посета на парламентарна делегација на БиХ во Република Македонија.