Владата на Република Македонија доцна синоќа на посебна владина седница го прифати Извештајот за извршените преговори за текстот на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија и го прифати усогласениот текст на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија.
Владата донесе одлука со којашто се определува претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, да го потпише Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија. За ова ќе следуваат конкретни информации за јавноста.
Владата на Република Македонија, на одделна седница констатираше дека реализацијата на Планот План 3-6-9, за итните реформски приоритети, се одвива со добра динамика. За три недели, од вкупно 73 мерки предвидени за тримесечниот временски период, реализирани или адресирани досега се 23.
На седницата е усвоена и Национална програма за усвојување на правото на ЕУ, односно негово адаптирање. Станува збор за усогласувања во делови на владеење на правото, јавна администрација и јакнење на административни капацитети, слободно движење на капитал, финанскиски услуги, енергетика, образование, животна средина.
Владата констатираше дека е потребно институциите коишто досега не покажаа интерес и капацитетност за користење на ИПА фондовите, да се посветат посериозно на средствата од овие фондови коишто се однесуваат на реализација на реални потреби на граѓаните.
На 16-тата седница синоќа Владата донесе клучни одлуки и разгледа информации од директен интерес на граѓаните.
Владата на Република Македонија ја разгледа и усвои Информацијата во врска со воведување евтина дневна тарифа на електрична енергија за домаќинствата.
Донесена е одлука да се даде препорака на Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија веднаш да одржи работен состанок, со вклучување на претставници на ЕВН Македонија АД Скопје, Министерство за економија и Кабинетот на заменикот на претседателот на Владата на Република Македонија, задолжен за економски прашања и координација со економските ресори и во рок од седум дена да подготви анализа за повторно воведување на дневната ефтина тарифа на електрична енергија за домаќинствата и измена на Тарифниот систем за продажба на електрична енергија на домаќинства и мали потрошувачи.
Владата на РМ е убедена дека со оваа одлука ќе се направи голем исчекор кон подобрување на еконоската состојба на граѓаните на Република Македонија, а истовремено ќе се поттикне домаќинско работење во јавните претпријатија.
Владата на Република Македонија ја разгледа и усвои Информација за настанат климатски неповолен настан – пороен дожд, електрични празнења, силен ветер и град и причинети штети на земјоделски култури на 20 јули 2017 година, во ресенскиот и тетовскиот регион. Задолжено е Министертството за земјоделство, шумарство и водостопанство да формира комисии што ќе предложат решенија по поднесените барања за утврдување на настаната штета, од страна на носителите на земјоделски стопанства или организации на производители.
Во насока на подобрување на помошта и заштитата на лицата со инвалидност во системот на социјалната заштита усвоени се предложените измени од страна на Министерството за труд и социјална политика, во Законот за социјалната заштита и во Законот за заштита на детето, коишто ќе олеснат на лицата кои имаат потреба од помош при основните животни потреби и со цел нивно вклучување во секојдневниот живот во заедницата.
За да овозможи продолжување на работите за изградба на автопатот Демир Капија – Смоквица, Владата на РМ усвои одлука којашто е во насока на помош на МЕПСО да обезбеди имотен лист за далеководите што се наоѓаат на трасата и коишто има потреба да бидат поместени. Владата истовремено ги задолжи надлежните државни претпријатија, заедно со ЕВН, да предложат системско решение за овие прашања, со оглед дека постојат и други вакви проблеми, и тоа токму на автопатиштата чијашто изградба е почната без претходно да се решат отворени имотни прашања.
Владата исто така го разгледа и усвои Извештајот за усогласениот текст на Договорот за заемно признавање и замена на возачки дозволи со Босна и Херцеговина, со што продолжува воспоставената соработка со оваа држава з прашања од интерес на граѓаните на двете држави.
Владата на Република Македонија смета дека е од особен јавен интерес да биде јавна информацијата што е точно договарано со странските инвеститори и поранешната Влада при потпишување на договорите за влез на комапниите во економските зони. Затоа, Владата усвои барање со кое се бара декласификација на сите договори склучени како државна тајна, коишто по спроведувањето на процесот на декласификација ќе бидат целосно и транспарентно достапни на јавноста.
На седницата Владата ја разгледа и усвои Информацијата за евалуација на проектите, програмите и активностите на Министерството за култура во првата половина на 2017 година. Во рок од 5 дена, Министерството за култура треба да побара од Државниот завод за ревизија да изврши вонредна ревизија во институцијата.
На владината седница усвоен е Предлогот за измени и дополнувања на Законот за културата, по скратена постапка, со цел да се овозможи ефикасна работа на директорите во установите, голема ефикаскост на инспекциски надзор за избегнување злоупотреби и за поголема контрола на финансиските последици што ги предизвикуваат одредби од законот. Со измените ќе биде заштитен Буџетот на РМ од штетните менаџерски договори на раководни лица во културни институции. Според информацијата споделена на владината седница, штетите по Буџетот на Република Македонија, по однос на постоечките менаџерски договори, според досегашните увиди, се во милијарди денари.
Усвоен е и предлог за престанување на важењето на Законот за националниот уметник на Република Македонија, којшто предизвикува нерамноправен односи и третман на уметниците во Македонија.
Владата го усвои и Предлогот за именување и дополнување на законот за употреба на Македонскиот јазик, со којшто во Македонија се враќа постапката за стекнување лиценца за лектори, прекината во 2013 година.
Владата на РМ, донесе согласност да се поддржи Општина Чаир и да се довршат дополнителните работи на спомен обележјето, плоштад Скендер-Бег. Средствата за исплата на изведувачите ќе бидат предвидени со Буџетот за 2018 година, со оглед дека не биле предвидени пари за оваа намена во Буџетот за 2017 година.
На седницата, Владата на Република Македонија ја разгледа и усвои Информација за ратификување на Договорот од Париз за климатски промени. Станува збор за ратификација на договор што треба да придонесе кон заштита на животната средина, за којшто постапка била почната, но не се реализирала. Донесена е одлука Министерството за животна средина и просторно планирање да го достави до Министерството за надворешни работи оригиналниот текст на Договорот од Париз, со предлог за покренување постапка за ратификација на Договорот од Париз и образложение, најдоцна во рок од 15 дена.
Владата донесе и повеќе кадровски решенија:
– Прифатени се оставките на Виктор Мизо, директор на Дирекцијата на технолошки индустриски развојни зони, како и на Цветко Грозданов, генералниот директор на АД за стопанисување со станбен простор и деловен простор.
– Разрешени се Муедин Кахвеџи, директор на Педагошка Служба, Весна Хорватовиќ од должноста директор на Бирото за развој на образованието, Костадин Богданов од должноста директор – владин агент на Бирото за застапување на Република Македонија пред Европскиот суд за човекови права, орган во состав на Министерство за правда, на негово барање. За вршител на должноста директор – владин агент на Бирото за застапување на Република Македонија пред Европскиот суд за човекови права, орган во состав на Министерство за правда на предлог на министерот за правда, е именувана Драгица Џонова.
– За директорка на ЈНУ Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“ – Скопје, избрана д-р Елена Јованова-Грујовска, научен советник.
– За членови на НО на Македонска банка за поддршка на развојот АД Скопје, именувани се Никола Поповски, Веланд Рамадани и Кирил Колемишевски и Софче Јовановска, согласно член 17 став 4 од Законот за Македонската банка за поддршка на развојот, а по добиена согласност од гувернерот на Народна банка на Република Македонија.