Камерениот оркестар на Музичката Младина на Македонија вечерва ќе настапи на фестивалот „Охридско лето“. Концертот ќе се одржи во црквата „Света Софија“ со почеток во 20 часот и 30 минути. Под диригентската палка на Џанлука Мартиненги ќе бидат изведени дела од Б. Бритен, Р.Шедрин, Г.Ф.Хендл, В.А.Моцарт и А.Шнитке.
Камерниот оркестар на МММ постои повеќе од 30 години. Тој е основан како прв сегмент од Летниот музички камп на МММ во 1986 година во Охрид. Овој ансамбл е прв и единствен од ваков вид на просторите на Југоисточна Европа. Во досегашното егзистирање во неговите рамки учествувале повеќе од 300 млади музичари – претежно студенти од ФМУ-Скопје, но и гости, млади музичари од други земји. Со своето музицирање во сиот овој период и’се наметна на музичката јавност не само како неопходност, туку и како изведувачки состав со високо професионални квалитети.
Оркестарот има реализирано преку 90 концерти, добивајќи позитивни критики, но и национални награди и признанија. Покрај класичниот репертоар,оркестарот изведува дела од современи, како и од македонски автори. Има остварено повеќе телевизиски и радио-снимки, како и сопствена ЦД продукција. Повеќе од 30 години завршниот концерт од Летната сесија е постојан дел од програмата на фестивалот „Охридско лето“, а во последните 10 години и на фестивалите „Скопско лето“ и „Битолско лето“.Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија му го посветува овојконцерт на долгогодишниот уметнички раководител и диригент на оркестарот, прерано починатиот Саша Николовски – Ѓумар.