Во насока на реализација на обврските утврдени во Планот на Владата на Република Македонија “План 3-6-9“, Државниот секретар во МВР, М-р Магдалена Несторовска на 28 Јули 2017 година во просториите на Министерството за внатрешни работи одржа работна средба со членовите на работната група формирана во рамки на Проектот на Совет на Европа “Јакнење на почитување на човековите права при полициското постапување“. На наведениот работен состанок присуствуваа и Директорот на Бирото за Јавна безбедност, Лазо Велковски и Заменик на Директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сиљан Аврамовски.
Наведената работна група во која членуваат претставници од Министерството за внатрешни работи, Министерството за правда, Јавното обвинителство на Република Македонија, Народниот правобранител , судија на Врховниот суд, претставници од експертската и научната јавност, како и од граѓанскиот сектор, со техничка подршка на Советот на Европа, во изминатиот период ги разгледуваше модалитетите за воспоставување на надворешниот механизам за контрола на работата на полицијата, како дополнителен механизам на постоечкиот механизам за внатрешна контрола. Потребата од воспоставување на независни, ефикасни и навремени механизми за контрола на работата на полицијата е констатирана во мноштво документи и извештаи, како од Европскиот суд за човекови права,Советот на Европа, Европската Комисија, меѓународните организации и националните невладини организации за заштита на човековите права.
На состанокот Државниот секретар, М-р Магдалена Несторовска го презентираше единствениот и усогласен став на Министерството во однос на предложениот модел за воспоставување на надворешен механизам за контрола врз работата на полицијата, предложен од страна на работната група формирана во рамки на Проектот на Советот на Европа. Во конструктивна дискусија на согледување на позитивните и негативните аспекти на предложениот модел утврдени се заедничките позиции во однос на моделот за воспоставување на надворешниот механизам за контрола на работата на вработените во Министерството за внатрешни работи со полициски овластувања и затворската полиција, со посебен акцент на потребата да се утврдат одговорностите на сите инволвирани субјекти во процесот на воспоставување на надворешниот механизам. Министерството за внатрешни работи ја презема обврската да ја информира Владата за изборот на моделот на надворешниот механизам усогласен со експертската група и дефинираната законска рамка за негово етаблирање.