Министерот без ресор во Владата на Република Македонија задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски, денеска оствари работна средба со амбасадорот на Кралството Холандија, господинот Вилем Воутер Пломп.
На средбата беше разговарано за актуелната состојба во медиумската сфера, како и за најавата за реформи во законската регулатива во медиумскиот сектор и во оваа прилика, Неговата екселенција Пломп, го запозна со некои детали од предлозите за измени во Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.
Министерот Поповски истакна дека владата е решена целосно да се отвори не само за медиумите, туку и за секој граѓанин, за да ги добива информациите кои му се потребни и јавноста да биде навремено информирана за сè и во секое време.
Тој посебно ја истакна потребата од ваков пристап, после 11 годишниот институционален молк и информациски мрак од страна на претходната владејачка гарнитура, за да се спречи политичарите да ги одмолчуваат и избегнуваат проблемите.
Поповски уште нагласи дека со задолженијата што му се дадени од страна на Владата да биде одговорен за транспарентноста и отчетноста, се пополнува празнината помеѓу добивањето исклучиво технички информации од државните јавни сервиси и потребата од вистински суштинска содржина која и е потребна на јавноста за детално да ја следи работата на Владата.
Амбасадорот Пломп ги оцени најавените реформи како фасцинантни и навистина неопходни и изрази интерес за повеќе средби со министерот Поповски, во насока на поинтензивна соработка со Амбасадата на Кралството Холандија за поддршка во медиумските реформи во Македонија.