Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев е кодомаќин, заедно со премиерот на Република Црна Гора Душко Маровиќ, на Самитот на земјите членки на Јадранската повелба, што на 2 август ќе се одржи во Подгорица, Република Црна Гора.
На Самитот со кој ќе претседава премиерот Заев, во име на земјата претседавач Република Македонија, ќе учествува и Потпретседалот на Соединетите американски држави, Мајкл Ричард Пенс.
Делегациите на земјите членки на Јадранската повелба ги предводат премиерите на Албанија, Еди Рама, на Хрватска, Андреј Пленковиќ, на Црна Гора, Душко Марковиќ и Босна и Херцеговина, Денис Звиздиќ, како и на земјите набљудувачи, Србија, со премиерката Ана Брнабиќ, Косово со премиерот Хашим Тачи и Словенија со премиерот Миро Церар.
Во составот на делегацијата на Република Македонија се Заменичката на претседателот на Владата и министерка за одбрана Радмила Шекеринска Јанковска, Заменик на претседателот на Владата, задолжен за спроведување на Рамковниот договор и политички систем Хазби Лик, Министерот за надворешни рабти Никола Димитров, пратеникот Стево Пендаровски.
Свечениот дел од Самитот на земјите членки на Јадранската повелба ќе отпочне на 2 август во 13:00 часот со изјави на премиерот на Република Македонија Зоран Заев, премиерот на Црна Гора Душко Марковиќ и со обраќање на Потпретседателот на САД Мајкл Ричард Пенс.
Програмата потоа предвидува билатерални состаноци на шефовите на делегации со потпретседателот на САД Мајкл Ричард Пенс, по што ќе отпочне работната сесија на самитот (14:30-15:45) со темите „Интеграциски процеси во Регионот“ и „Улогата и придонесот на Јадранската повелба кон регионалната и глобалната безбедност“.
По завршувањето на работниот дел, во 15 и 45 минути е предвидено заедничко фотографирање.
Премиерот Зоран Заев, и делегацијата од Република Македонија, пред заминувањето од Подгорица ќе одржат брифинг со акредитираните новинари на самитот.