Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска го прими г. Солтан бин Саад Ал Мураики, државен министер за надворешни работи на Државата Катар.
На средбата беa разменети мислења за нивото на билатералните односи меѓу двете земји, како и за можностите за интензивирање економската соработка.
Државниот министер за надворешни работи го запозна претседателот Иванов со актуелните предизвиците со кои се соочува Државата Катар и искажа интерес за случувањата во Република Македонија.
Претседателот Иванов истакна дека Република Македонија со посебно внимание ги следи случувањата во регионот. „Се надевам дека Државата Катар и лидерите од регионот низ дијалог и со заемен ангажман на мирен начин ќе придонесат за намалување на тензиите и обезбедување на стабилност и безбедност. Потребни се мудри решенија со кои ќе се стави крај на актуелната криза”, истакна македонскиот претседател.
На средбата беа разгледани можностите за економска и трговска соработка меѓу двете земји , за реализација на конкретни инвестициони проекти, како и за потребата од натамошно унапредување на правната рамка меѓу двете земји.
Во таа насока претседателот Иванов го поздрави воспоставувањето на директната авионска линија Скопје-Доха од страна на „Катар Ервејс”, и изрази очекување дека тоа ќе даде позитивен импулс за зајакнување на бизнис релациите, туризмот и културата меѓу двете земји.