Народниот театар од Битола вечерва на фестивалот „Охридско лето“ премиерно ќе ја одигра театарската претставата „Сон на летната ноќ“ на текст од Вилијам Шекспир, а во режија на Џон Блондел.
Како што појасни драмскиот селектор на „Охридско лето“, Зоран Љутков, оваа претстава е една од двете премиери предвидени за годинешното фестивалско издание.
„Ова е претстава што ги доловува каракеристиките на авторот Шекспир и уште еднаш не’ учи што значи да се биде човек, каде да се најде радост и како да се справиме со загубата. Ова не е прва соработка на американскиот режисер со Народниот театар од Битола, тие зад себе имаат низа успешни проекти и долгогодишна соработка. Во претставата на Блондел играат моите веќе докажани колеги од Народниот театар во Битола: Петар Горко, Илина Чоревска, Никола Пројчевски,Марјан Ѓорѓиевски, Викторија Степановска-Јанкуловска, Маја Андоновска-Илиjевски, Слободан Степановски, Александар Стефановски,Огнен Дранговски, Катерина Аневска, Петар Спировски, Соња Михајлова, Јулијана Мирчевска, Валентина Грамосли, Менка Бојаџиева, Јулијана Стефановска, Елена Моше.Драматург на претставата е Билјана Крајчевска, а костимите кои ќе ги погледнеме вечерва се дело на Благој Мицевски, сценограф е Валентин Светозарев, а за музиката е одговорен Александар Димовски“, изјави Љутков на денешната прес-конференција.
Директорот на Народниот театар од Битола Иван Јерчиќ нагласи дека овој театар е долги години присутен на фестивалот „Охридско лето“ со свои премиери, а режисерот Џон Блондел е нивни голем соработник и пријател.
„Сон на летната ноќ“ е нашата трета премиера за годинава финансирана од страна на Министерството за култура на Република Македонија. Имаме уште една премиера до крајот на годината со финансиска поддршка од ресорното министерство, а направивме и три – четири претстави со сопствени средства, така што мислам дека 2017-та ќе ја заокружиме како мошне плодна година со осум премиери“, рече Јерчиќ.
Режисерот на театарската претстава „Сон на летната ноќ“, Џон Блондел изјави дека е огромна честа што повторно се враќа на фестивалот „Охридско лето“ и оти во овој проект учествуваат многу способни актери.Текстот на Шекспир, според него, е посебен сам по себе, зборува за тоа што е љубовта, кога ја пронаоѓаме, губиме, повторно ја наоѓаме, што се ни се случува во сиот тој процес на лично менување.
„Следбеник сум на работата на големиот англиски режисер Питер Брук. Така што кога седнавме со актерите да ја осмислиме претставата, реков дека немам воопшто никаков концепт, а и сеуште го немам. Концептот е она што произлезе од нашата работа, своевидна креација на солуции. Секогаш се обидувам да направам спој помеѓу луѓето, личностите, поединецот, човечното во него со текстот, за на тој начин да ја избегнам замката на наметнатост, лична претенциозност, влијание,“ кажа Блондел.
Актерската Илина Чоревска, која е новата уметничка директорка на Битолскиот театар
Улогата на Титанија во претставата ја игра актерката Катерина Аневска според која, соработката со режисерот Блондел е огромно искуство.
„Ова е моја прва соработка со режисерот Џон Блондел и посебно ми е драго што поминав низ еден процес на себеоткривање и се соочив со многу предизвици. Ова е мое омилено дело од Шекспир и дефинитивно претставува извор на мотивација за многу режисери и уметници од целиот свет. Интересно беше тоа што во преставата вметнавме и неколку сонга од познатиот бенд „Блонди“ и беше вистински предизвик за мене, целиот тој музички предизвик да го спојам со ликот на Титанија која е портрет на една моќна жена која е кралица на самовилите,“ рече Аневска.
За поставката со режисерот Блондел, драматургот на „Сон на летната ноќ“ Билјана Крајческа рече дека претставува спој на две различни култури, како тие да се вметнат во актерскиот израз со оглед на различноста во размислувањето, хуморот.
„Делото отвара многу животни прашања и проблеми, од власта до љубовта. На крајот стигнавме до наша заедничка приказна која говори за тоа што значи нешто да добиваш, кога нешто ќе изгубиш, кога луѓето добиваат глас, љубов, моќ….Тука се вметнати дел од нашите лични приказни, што ќе ги претставиме во двочасовна игра“, рече Крајчевска.
Шекспировата драма „Сон на летната ноќ“ чиј превод го направи Драги Михајловски, ќе се одигра на сцената Долни Сарај со почеток во 21 часот.