Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски и надлежните министри од Босна и Херцеговина Мирко Шаровиќ , од Република Србија Расим Љајиќ, и од Црна Гора Драгица Секулиќ, на денешниот итен состанок во Сараево донесоа неколку заклучоци во врска со новиот хрватски Правилник за увоз на свежо овошје и зеленчук. Заклучоците со потпис од сите министри кои присуствуваа на состанокот ќе бидат испратени во Европската Комисија во Брисел.
Министрите ја повикуваат Хрватска итно да ги укине диркиминаторските одредби од Правилникот, а трошоците за инспекцискиот надзор да се сведат на нивната реална висина. Воедно министрите потписници бараат оваа недела да се одржи итен состанок со надлежните министри од Хрватска, а при тоа да се има во предвид дека секое одложување за изнаоѓање на решение ќе предизвика значителни последици врз производителите од земјите од регионот, со оглед на тоа дека сето ова се случува во период кога има зголемен извоз на сезонско овошје и зеленчук.
Министрите од регионот во решaвање на проблемот со Хрватска ја повикаа да се вклучи и Европската унија. Меѓу другото, во заклучоците се наведува дека секоја земја се до решавање на проблемот, за да ги заштити сопствените економски интереси ќе преземе конкретни мерки и механизми кои смета дека се адекватни.
„Покрај заедничките ставови за развој на слободна трговија и посветеноста на земјите во регионот за проток на добра без бариери денеска бевме единствени во носење на заклучоците.Сепак секоја од земјите има право соодветно да превземе дополнителни мерки или контра мерки за во вид и форма за која мисли дека е соодветна а се со цел да ги заштити сопствените интереси.Како регион остануваме посветени на Берлинскиот процес и градење на заедничка економска област“, изјави министерот за земјоделство,шумарство и водостопанство на Република Македонија Љупчо Николовски.
Министрите од регионот на денешниот состанок се договорија дека состаноци од ваков тип треба да се одржуваат почесто, со цел да се отстранат бариерите кои ја загрозуваат слободната трговија на добра. Следниот состанок е договорено да биде во Скопје во септeмври годинава.
Инаку денешната итна средба на министрите од регионот беше свикана откако Хрватска на 15 –ти јули годинава донесе нов Правилник за инспекциски надзор и контрола за усогласеност на овошјето и зеленчукот со кој трошоците за контрола на квалитет на овошјето и зеленчукот за трети земји се зголемуваат од досегашните 90 куни (12 €) по производ, на 2.000 куни (274 €) по производ.
Македонското Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство веќе достави нота до хрватското Министерство за земјоделство за стопирање на Правилникот за контрола при увозот на овошје и зеленчук . Со новиот Правилник што го донесе Хрватска за увоз на овошје и зеленчук, значајно се зголемуваат трошоците при извоз на македонското свежо овошје и зеленчук, што ќе влијае врз зголемување на крајната цена на чинење на производот. Со такви зголемени цени, македонското овошје и зеленчук ќе бидат неконкурентни на хрватскиот пазар.