Запленети 35.000 евра, злато, акцизна стока и друго

Во текот на минатите две седмици, царинските службеници открија повеќе обиди за криумчарење, при што привремено се задржани златен накит, девизи, акцизна стока, мобилни телефони, спортски обувки и друго.

Задржана е следната стока:

Мобилните царински тимови спречија обид за криумчарење на 1.400 грама златен накит и 35.000 евра.

На 03.08.2017 година, на граничниот премин Блаце, за влез во државата се пријавил македонски државјанин, управувајќи македонски автомобил. При детална контрола на возилото, во фабричка празнина во вентилацијата, што се наоѓа под бришачите на ветробранското стакло, бил пронајден несесер со пет опаковки завиткани со леплива лента. Во две од опаковките биле пронајдени вкупно 35.000 евра, а во другите три опаковки биле пронајдени две златни плочки и златен накит со вкупна маса од 1.400 грама, чија вредност е проценета на околу 2 милиони денари. Златото, девизите и возилото се привремено задржани. Против возачот ќе биде поднесено барање за поведување прекршочна постапка за сторениот девизен пркршок, додека за обидот за криумчарење злато и златен накит ќе биде поднесена кривична пријава.

Акцизна стока

– 18 литри домашна гроздова ракија и 7.500 грама режан тутун, откриени при контрола на грчки камион управуван од грчки државјанин, пријавени за излез од државата на граничниот премин Дојран. Возачот, не застанувајќи на царинска контрола, се упатил директно на пасошка контрола, но откако полициските службеници забележале две вреќи со стока во кабината, повикале царински службеник да изврши контрола. Притоа, во црна кеса сместена на предното седиште биле пронајдени 10 кутии со режан тутун, а позади возачкото седиште биле пронајдени 3 пластични шишиња од по 6 литри со домашна ракија. Покрај тоа, позади предните седишта била пронајдена и вреќа со 4 рибарски мрежи од по 50 метри. Непријавената сока е привремено задржана а против возачот ќе биде поведена соодветна постапка.

Мобилни телефони и графички картички

– 16 графички картички GIGABYTE и 8 мобилни телефони Iphone 7, откриени во два одвоени случаи на скопскиот аеродром Александар Велики.

Во првиот случај, при контрола на патниот куфер на косовски државјанин кој допатувал со лет од Стокхолм, биле пронајдени 16 графички картички GIGABYTE.

Во вториот случај, при контрола на патните куфери на српски државјанин, кој допатувал со лет од Малме, биле пронајдени 6 мобилни телефони Iphone 7 и 2 мобилни телефони Iphone 7+. Во двата случаи непријавените производи се привремено задржани, а против патниците ќе бидат поведени прекршочни постапки.

Делови за камиони и машини

– употребувани 1 турбина и 1 стартер за товарни возила и 20 нови ремени за затегање товар, откриени при контрола на македонски камион-кипер, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Делчево. Непријавените производи, пронајдени под креветот во кабината на возилото, се привремено задржани, а против возачот е поведена прекршочна постапка.

– 1 глава за ласерска машина за сечење метали, тип PRECITEC AK HP SSL, откриена на скопскиот аеродром Александар Велики, при контрола на патниот куфер на турски државјанин, кој допатувал со лет од Истанбул. Непријавената стока е привремено задржана, а против патникот ќе биде поведена прекршочна постапка.

Спортски обувки

– 13 пара спортски обувки-копачки, откриени на скопскот аеродром Александар Велики, при контрола на багажот на македонски државјанин, кој допатувала со лет од Малме. Непријавените обувки се привремено задржани, а против патникот е поведена прекршочна постапка.