Триесеттата вечер на 57-то издание на фестивалот „Охридско лето“ ќе донесе концерт на „Бенџамин пијано трио“.
Ова трио го сочинуваат Емир Имеров, виолина (Македонија/Германија),
Пијанистот Ваг Папијан (Ерменија/Израел) и виолончелистот Александар Кагановски (Украина/Швајцарија).
Виолинистот Емир Имеров е роден во Скопје. Тој освојува прва награда на натпреварот за виолинисти кога имал само 12 години. Во 1991 година се сели во Германија каде ги продолжува студиите по виолина и дипломира на Академијата во Вурцбург во класата на Г. Жислин. За време на студиите победува на натпреварот кој го носи името на Феликс Менделсон и како награда добива двегодишна стипендија на Баварската висока школа за музика. Како член на квартетот „Виртуозо“ од Санкт Петербург, Имеров активно концертира во САД, Австралија, Русија, Швајцарија и во Германија. Во 1998 година со триото кое го основа Имеров победува на натпреварот за камерна музика во Тулуз и истата година тој освојува втора награда на натпреварот за млади виолинисти во Ташкент. Се усовршува во класата Д. Геде –концерт-мајстор на Виенската филхармонија и посетува мајсторски курсеви кај Захар Брон и Виктор Третјаков. Од 2004 година Емир Имеров е концерт-мајстор на Симфонскиот оркестар на Минхенглајдбах-Крефелд и предава на тамошната музичка академија. Тој е член на ансамблот „Европски солисти“ од Луксембург и постојан гостин-педагог на мајсторски курсеви во Грција, Полска, Германија, Белгија и Хрватска.
Пијанистичката кариера на Ваг Папијан започнува во 1979 година со неговата победа на престижниот натпревар „Виана да Мота“ во Лисабон, по што е поканет да настапува во сите значајни концертни сали во поранешниот Советски сојуз вклучувајќи рецитали во Санкт Петербург и Москва. Дипломира на Московскиот конзерваториум во класта на М. Воскресенски, а диригирање студира со познатиот Иља Мусин. Во 1984 година на покана на Валериј Гергиев, Папијан станува постојан диригент на Ерменската филхармонија, а три години подоцна станува уметнички директор и шеф-диригент на овој оркестар со кој остварува повеќе од 200 концерти. Покрај тоа, тој постојано настапува како пијанист гостувајќи во Базел, Барселона, Женева, Торонто, Отава, Њујорк, како и на турнеи во Јужна Америка и Азија. Диригира со Англискиот камерен оркестар, со Израелскиот камерен оркестар, со Новата јапонска филхармонија, симфониските оркестри во Ерусалим, Москва, Белград, Трондхајм, а на фестивалот „Енеску“ во Романија го предводи познатиот хор на „Виенските момчиња“. Во 2005 година дебитира со Израелската филхармонија. Како дуо партнер на Максим Венгеров снима за ЕМИ класикс и со него настапува на сите континенти. Тој е постојан гостин-диригент на Националната опера на Ерменија и е професор на Академијата за музика „Самуел Рубин“ во Тел Авив.
Виолончелистот Александар Кагановски е роден во Киев, а започнал со часови по музика на петгодишна возраст. Само по неколку години веќе настапувал како солист, а на 16 години победил на националниот натпревар за музика. Студиите ги продолжил на Академијата „Самуел Рубин“ во Тел Авив во класата на проф. Узи Визел и победил на неколку натпревари во Израел. Од 1985 година е постојан член на Израелскиот гудачки квартет. Александар Кагановски настапувал на реномирани фестивали во Австрија, Италија, Швајцарија, Норвешка, Русија, Франција, Тунис, Германија и Луксембург, а со оркестри, покрај во овие земји настапувал и во Белгија, Португалија, Шпанија, САД, Јапонија, Унгарија, Србија, Хрватска и др. Тој настапувал и со многу респектирани диригенти меѓу кои Баршаи, Борејко, Јусупов, Китаенко и др. Одржува мајсторски курсеви во Германија и во Словачка, Франција, Луксембург, Израел итн.
Концертот на „Бенџамин пијано трио“ ќе се одржи во црквата „Света Софија“ со почеток во 20 часот и 30 минути. На програмата се композиции од Николај Римски-Корсаков и Петар Илич-Чајковски.