Пратеникот Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ побара од Талат Џафери да ја прекине расправата за разрешување на Јавниот обвинител бидејќи е спротивно од Изборниот законик.
Димовски нагласи дека јавноста е манипулирана од СДСМ и Џафери за приоритетноста за разрешување на Јавниот обвинител, бидејќи денес во салата како присутни се пријавиле само дваесетина пратеници од парламентарното мнозинство.
„Еве денес и да се откажеме од дебата нема да може да се гласа бидејќи пола од пратениците на СДСМ и ДУИ се веќе на годишен одмор. Во салата има присутни дваесетина пратеници на парламентарното мнозинство што ја покажува приоритетноста што со денови ја слушаме од СДСМ. Затоа ве повикувам господине Џафери да ја ставите оваа точка во мирување и да преминеме на некои од наредните точки кои навистина се приоритет за граѓаните на Република Македонија“, истакна Димовски.
Димовски додаде дека во моментот во собраниската сала има повеќе новинари отколку пратеници на СДСМ, што е јасен сигнал за сериозноста на ова тенко мнозинство во Собранието.