На огромно задоволство на љубителите на добрата музика, во црквата Св. Софија во Охрид се случи кабаре концертот на прекрасните Тијана Ѓуричиќ, Ирина Наумовска и Александар Будимир. Оваа неповторлива музичка комбинација ја задоволи и публиката со најистенчен вкус.
„Пресреќна сум и превозбудена вечерва, не само затоа што сум првпат овде, туку затоа што првпат настапувам на еден фестивал за кој што читам само најубави критики, а исто така имам слушано многу од мојот професор Никола Китановски и секако од Ирина Наумовска. Целиот концепт за фестивалот ми беше како една мистична идеја, па многу сум среќна поради многубројната публика и за мене сето тоа е потполно ново и возбудливо, затоа што се случуваше во простор како црквата Св. Софија. Секоја година ја следам вашата програма, за жал физички не сум присутна, но сепак секогаш е импресивно да се погледне какви и кои музичари настапуваат. Оваа година музичкиот избор на селекторот посебно ми се допаѓа, затоа што програмата е многу богата и секоја чест на целиот тим, што успешно успевате да го изведете сето тоа. Го истраживме Охрид и од друга перспектива, природните убавини и сите тие алтернативни плажи, така што веќе и го промовирам на социјалните мрежи тврдејќи дека е балканскиот Тајланд“, изјави Тијана Ѓуричиќ сопран од Србија, пшувањето на концертот.
Според Александар Будимир, Охрид и фестивалот „Охридско лето“ имаат посебна енергија.
„Јас најпрво сакам да им се заблагодарам на сите слушатели, на нашата публика, затоа што беа навистина одлични слушачи. Третпат сум во Охрид, но имам чувство како да сум првпат, затоа што овде владее една специјална, посебна енергија. Драго ми што сум повторно во еден од моите омилени градови. Што се однесува до настапот, се уште сум под адреналин поради феноменалната публика, се надевам дека ќе имаме повторно можност за соработка, голема е честа да се биде учесник на еден ваков голем фестивал, со најголема и најдолга традиција. Ви благодарам многу од срце за преубавото искуство,“ вели Александар Будимир.
Македонската пијанистка Ирина Наумовска вели дека секоја година ја следи програмата на „Охридксо лето“.
„Секогаш кога се настапува на Охридско лето, чувството е специјално. Не сум сигурна дали може да се објасни со зборови, пред се оваа црква, толку има посебна атмосфера, а и фестивалот има толку долга традиција, такви уметници настапувале и можам да кажам дека за нас е чест и привилегија да настапуваме. Концертот беше навистина убав, пред се тоа публиката го почувствува. Ние навистина долго се спремавме за концертот и со голем ентузијазам и со многу љубов, а се надевам дека така публиката и го доживеа. Програмата на Охридско лето ја следам секоја година, според мене ова е еден од најдобрите европски фестивали воопшто, толку квалитетнии и значајни уметници и толку перфектно организирани, едноставно не може да не сме задоволни“, вели Наумовска.
Кабарето „Зборувај тивко “ е обликувано да ги претстави сите фази на творештвото на композиторот Курт Вајл, со посебен акцент на делата настанати пред самото заминување од Германија, делата настанати за време на престојот во Париз и непосредно по доаѓањето во Америка. Транспарентно тематски, стилски и хармонски се забележуваат интертекстуалните преклопувања на сè она што Вајл би го нарекол „живот“ во траење од 60 минути. Вајл е еден од најзначајните композитори на музика за сцена на минатиот век.