Викендов, на небото над Северната Хемисфера, се очекува метеорскиот дожд Персеиди. Најдобро време за набљудување на овој природен феномен е ноќта помеѓу 12 и 13 август, односно вечерва по 19:00 часот.
Оние кои што сакаат да го набљудуваат овој метеорски дожд треба да изберат локација која е подалеку од светлината на населените места, а оние кои нема да се во можност да го набљудуваат овој настан на отворено, тоа ќе може да го направат преку интернет на веб-страната Slooh.com каде астрономите ќе дискутираат за Персеидите и ќе одговорат на прашања за метеорските дождови.
Метеорските дождови настануваат кога планетата Земја ќе помине низ остатоци од некоја комета, а тие ситни делови кога ќе навлезат во атмосферата согоруваат и оставаат светлосни траги.
Персеидите се едни од најбројните метеорски дождови во текот на годината, понекогаш достигнувајќи дури 200 метеори на час. Тие се поврзани со кометата Свифт-Тутл, која астрономите ја откриле во 1862 година. Записите за овој метеорски дожд датираат од пред 2.000 години.
Оваа година се очекуваат околу 150 метеори на час, односно просечно околу 2 метеори во минута.
И покрај тоа што за овој метеорски дожд се верува дека е најголем/најброен, сепак најголемиот е метеорскиот дожд Леониди кој се случил на 12 ноември 1833 година со 100 илјади метеори на час, односно околу 30 метеори во секунда.
Метеорската бура од 1833 година имала големо влијание врз сите што биле сведоци, а тоа било и почеток на модерната наука за метеорите.
WebOhrid