Министерството за животна средина и просторно планирање со имплементација на IPA TAIB 2012/2013 проект за набавка на опрема изврши набавка на една мобилна мониторинг станица, различен тип на анализатори и возило за одржување на мониторинг системот.
Во мониторинг станицата во Тетово се изврши комплетна замена на инструментите за сулфур диоксид, азотни оксиди, PM10 – суспендирани честички со големина до 10 микрометри, јаглерод моноксид и озон.
Во станиците Куманово и Битола 2 се заменија постоечките инструменти за азотни оксиди, PM10 – суспендирани честички со големина до 10 микрометри и озон со нови. Дополнително, во сите три станици се поставија и инструменти за следење на концентраците на PM2.5 – суспендирани честички со големина до 2.5 микрометри.
Новите мерни инструменти се поставени во мониторинг станиците во средината на јуни 2017 година и истите веќе вршат континуирано мерење на концентрациите на загадувачките супстанци.
Системот целосно се воспостави и од почетокот на месец август податоците од извршените мерења се достапни на порталот за квалитет на воздух http://air.moepp.gov.mk/.