Министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Димитров, од 15 до 17 август 2017 година, ќе претстојува во работна посета на Кралството Данска, Кралството Шведска и Република Финска.
Во рамките на регионалната турнеја, министерот Димитров на своите нордиски колеги ќе им ги претстави стратешките приоритети на новата реформска Влада, насочени кон враќање на европската и евроатлантската перспектива на Република Македонија и нејзините граѓани.
Во таа смисла, главниот акцент во разговорите ќе биде ставен на обезбедувањето на што е можно поголема помош од пријателските нордиски демократии, за поефикасно и потемелно спроведување на реформите, како и нивна засилена поддршка за што поскоро придвижување на процесите на интеграција во ЕУ и НАТО.
На средбите ќе бидат разменети мислења и околу можностите за понатамошно интензивирање на политичкиот дијалог, унапредување на билатералните односи и соработката во повеќе области од интерес.