Во рамките на фестивалот „Охридско лето“ завршен концерт одржаа учесниците на Меѓународниот семинар по пијано и виола, виолина и камерна музика.
Овој семинар под уметничко раководство постои од 2009 година и во првите три години од постоењето се одржуваше на Истра во Хрватска. Од 2013 година се одржува во Охрид, а завршниот концерт е дел од програмата на „Охридско лето“.
На годинешниот десетдневен семинар учествуваа 15 млади музичари од Австрија, Словенија, Хрватска и Русија, од кои тројца пијанисти, а останатите виолинисти.
„Семинарот годинава првпат се одржува со клавир. До минатата година имавме само виолина со камерна музика. Имавме интензивни десет дена работа и многу нови идеи, што всушност е и целта на семинарот. Токму затоа ми е мило што продолжуваме во истиот дух и имаме голема заинтересираност и за самиот семинар, и за Охрид. Учесниците поминуваат и по 5 илјади километри за да бидат учесници. Верувам дека така ќе биде и во иднина зашто Охрид е дел од точката за примамливост“, вели уметничкиот раководител на семинарот, познатиот виолинист Емилио Перцан.
На завршниот концерт од Меѓународниот семинар, традиционално, учествуваат најуспешните ученици. Една од нив е младата виолинистка Ања Шерветс од Словенија.
„На семинарот во Охрид доаѓам трета година. Овојпат пред публиката на „Охридско лето“ се претставив со дело од Вагнер.Многу сум задоволна од она што го стекнавме, а посебно ми се допаѓа амбиентот на црквата „Света Софија“, вели Шерветс.
Нејзината колешка и сонародничка Ања Шуштариќ е исто така задоволна од учеството на семинарот, но и од завршниот концерт што се одржа во рамки на фестивалот „Охридско лето“.
„Првпат настапувам на „Охридско лето“, но Охрид сум го посетила двапати и се’ ми се допаѓа. На завршниот концерт со мојата виолина се претставив со музика на Дебиси„, вели Шуштариќ.
Меѓународниот семинар по пијано и виолина, виола и камерна музика го организира Музичката младина на Македонија, а со поддршка на Министерството за култура на Република Македонија.