На денешната средба министерот без ресор Роберт Поповски и амбасадорот на САД во земјава Н.Е. Џес Бејли, разговараа за заложбите на новата Влада на Република Македонија во насока на целосна транспарентнсот, отчетност и отворена комуникација на сите институции кон граѓаните на земјава на сите теми кои се од јавен интерес.
Министерот Поповски, на средбата ги потенцираше итните приоритети на Владата насочени кон реформите во медиумите предвидени во рамките на планот 3-6-9 во насока на забрзување на евроатланските интеграции на земјава. Во однос на транспарентноста на Владата кон медиумите и јавноста, министерот ги најави неделни брифинзи со медиуми кои секторот за Комуникации ќе ги оддржува после секоја редовна владина седница со интенција истите да станат редовни.
Зајакнување на улогата на телата за само-регулација е правецот кој ќе го отвори патот кон зголемена професионализација на медиумите, посочи Поповски на средбата.
На состанокот посебно внимание беше посветено и на предлог Закон за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, кој во моментов е во фаза на јавна дебата и се очекуваат забелешките и дополнувањата од страна на граѓанските организации кои се транспарентно вклучени во процесот, по што предлог законското решение ќе биде ставено на дневен ред на седница на Влада.
На средбата исто така се разговараше и за актуелната состојбата на јавниот радиодифузер, а министерот Поповски најави дека Владата на РМ ќе направи анализа на состојбите и ќе направи се што е во рамките на законските можностите јавниот сервис да продолжи да работи непречено во интерес на граѓаните на Република Македонија.