Во сабота, 19.08.2017, во 12:00 часот започнува престижниот Охридски пливачки маратон. Веќе 31 година овој настан е местото каде се истакнуваат истрајноста, дисциплината и храброста. Врвни пливачи со години се натпреваруваат на трката која трае малку под 6 часа. Тоа се околу 360 минути макотрпно пливање за кое е потребна сериозна физичка и психолошка подготвеност.
На 31от Охридски пливачки маратон се пријавени 22 пливачи од кои 15 мажи и 7 жени од сите страни на светот кои ќе се борат за наградниот фонд од 10.000 долари. Доаѓаат пливачи од Франција, Бразил, Аргентина, Канада, Италија, Германија, Холандија, Хрватска и Русија. Прворангирани во Гран при пласманот на Меѓународната пливачка федерација (ФИНА) се Евгениј Поп Ацев од Македонија, Сочино Едоардо од Италија, Акилес Балаудо и Дамијан Блаум од Аргентина. Од женска конкуренција првопласирани се Гејло Пиљар и Гарсија Рита Ванеса од Аргентина. Охридското езеро е раскрсницата на овие врвни пливачи. Маратон по кој им останува само уште една трка во склоп на Гран при серијата на Меѓународната пливачка федерација (ФИНА). Покрај тесната борба за освојување на целокупното Гран при Охридскиот маратон им дава додатна инспирација на сите пливачи пренесувајќи ја долгогодишната традиција која се негува во Охридското езеро уште од 1962 година.
31от Охридски пливачки маратон започнува на 19ти август. Истиот ќе се одржи на патеката „Климе Савин“ која е долга 30 километри и започнува од манастирот Свети Наум и завршува на Градското пристаништето во Охрид. Трката ќе започне во 12.00 часот и околу 18.00 часот ќе се очекуваат првите пливачи кои ќе пристигнат на целта.
Претседателот на Република Македонија е главен покровител на 31от Охридски пливачки маратон и истиот е организиран од страна на Меѓународната пливачка федерација (ФИНА) и пливачката федерација на Република Македонија, а од оваа година како ко-организатор се јавува и Општина Охрид.