Бошњаковски: Новиот републички јавен обвинител ќе го врати достоинството на обвинителството

Прес конференција,
Миле Бошњаковски, портпарол на Влада на РМ
18.08.2017

Почитувани медиуми,

Сметаме дека има потреба на јавноста да и се претстави постапката за назначување на нов јавен обвинител која е уредена со членот 41 од Законот за јавно обвинителство.

Владата на Република Македонија потенцира дека основна цел при изборот на нов јавен обвинител ќе бидат интересите на граѓаните на земјава, избор на професионалец, односно личност од професијата, со дигнитет и достоинство кој ќе го врати угледот на позицијата јавен обвинител, ќе го почитува Законот и Уставот на Република Македонија и ќе постапува еднакво, непристрасно и одговорно во делење на правдата, и воедно ќе ја врати довербата на граѓаните во правосудните институции.

Сакаме да кажеме како ќе тече постапката :

• Владата на РМ, на наредната редовна седница најавена за вторник 22 август, ќе постави на дневен ред Предлог – заклучок со кој ќе му предложи на Собранието на РМ да го огласи именувањето на јавен обвинител.
• Собранието на РМ по ова треба да распише оглас за кандидати за јавен обвинител во „Службен весник“ и во најмалку два дневни весници од кои еден мора да биде на албански јазик;
• Рокот за пријавување на кандидатите е 15 дена од денот кога огласот ќе биде објавен во „Службен весник“;
• По конкурсот Советот на јавни обвинители има рок од 15 дена од денот на прием на документите, да даде позитивно или негативно мислење за сите пријавени кандидати;
• По ова постапка продолжува во Владата која на седница ги разгледува кандидатите вклучително и мислење од Советот на јавни обвинители и треба да донесе одлука за еден од кандидатите – за кој претходно постои позитивно мислење од Советот на јавни обвинители;
• По ова Владата ја доставува одлуката како предлог решение до Собранието на РМ, а со истото имаме обврска да го доставиме и мислењето на Советот на јавни обвинители;
• За именувањето јавен обвинител, Собранието одлучува со просто мнозинство, односно со 61 глас;