Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, испрати писмо со сочувство до Неговото Величество, Фелипе VI, Крал на Кралството Шпанија, по повод терористичкиот акт во Барселона.
Ваше Величество,
Со шок и огорченост ја примив веста за бруталниот терористички акт во Барселона во кој животот го загубија недолжни шпански и странски државјани, а голем број се здобија со тешки повреди и трауми од ужасниот напад. Вознемиреноста од оваа жална вест е уште поголема поради тоа што и граѓанин на Република Македонија е меѓу тешко повредените лица од истиот крвнички акт.
Во овие тешки моменти на огромна жалост, дозволете ми, од името на граѓаните на Република Македонија и од мое лично име, да Ви упатам изрази на најискрено и длабоко сочувство.
Република Македонија најостро ги осудува ваквите подли акти на насилство врз невини луѓе и изразува сочувство и солидарност со земјите кои се погодени од ваквиот грозоморени кукавички чин на тероризам. Ова е глобално зло со кое сите имаме обврска да се бориме, имаме одговорност да го превенираме, спречуваме и искорениме за да не страдаат недолжни и невини животи. Ваквиот ужасен настан е потсетување дека мораме да вложуваме колективни напори за спречување на сите форми на насилен екстремизам и тероризам, и да не дозволиме нашите вредности, демократијата и слободата, да бидат мета на заканите и ризиците од тероризам, страв и омраза.
Ваше Величество, нашите мисли и молитви се со Вас и со семејствата на жртвите и настраданите.