Дуото „Виџаја“ ја затвора музичката програма на 57-то издание на „Охридско лето“

Индонезиско-германското дуо, Исканадар Виџаја на виолина и Норман Виџаја на пијано, вечерва ќе одржи концерт на „Охридско лето“ со што ќе го затвори музичкиот дел од програмата на 57-то издание на фестивалот.

На програмата се дела од У. Виџаја, Ли Зили, Ц. Куи, Ф. Сај и Ж. Масене. Гостин на ударни инструменти ќе биде Ајкут Коселерли.

Концертот ќе се одржи во црквата „Света Софија“ со почеток во 22 часот.

Искандар Виџаја е роден во Берлин, започнува да учи виолина на четиригодишна возраст, а дипломира виолина на Универзитетот во Берлин во 2010 година. Соработува со некои од најпознатите диригенти и музичари на денешницата како Зубин Мехта, Кристоф Ешенбах, Роландо Вилазон, Фазил Сај и др., настапувајќи со престижни оркестри меѓу кои: оркестрите во Берлин, Минхенската филхармонија, оркестарот „Тонхале“ во Цирих, Варшавската филхармонија, Радио –симфонискиот оркестар во Виена, како и оркестрите во Франкфурт, Валенсија, Осло, Базел, Хонг Конг, Џакарта и др. Настапите го водат на пет континенти во концертните сали меѓу кои: „Концертхаус“ во Берлин, „Тонхале“ во Цирих, Филхармонијата во Луксембург, операта во Тел Авив и многу други. Во 2013 година Исканадар настапува на отворањето на Самитот АПЕК, а е претставник на Индонезија на Светскиот настан ЕКСПО во Милано во 2015 година.

Неговото дебитантско ЦД „Бах и блуз“ е промовирано во 2011 година и наидува на одличен прием кај стручната критика. Второто снимено издание со музиката на Бах го реализира со Берлинската камерата во 2014 година, а третото ЦД „Танго фуего“ стигнува на врвот на класичните топ-листи во Германија.

Искандар Виџаја свири на виолина изработена од Жан-Баптист Вијом во 1875 година, а поседува и инструмент Страдивари од 1734 година, кој му е даден на користење од страна на реставраторот на виолини Флоријан Леонард.

Норман Виџаја е роден во музичко семејство, а неговиот талент дошол до израз кога на само 11 годишна возраст диригирал хорски концерт во чест на претседателот Сукарно во Џакарта (Индонезија). Студирал пијано, диригирање и композиција на Колеџот за музика во Берлин, а првиот ангажман го носи во Нирнберг каде во периодот од 1982 до 1990 година диригира преку 400 различни изведби. Диригентските ангажмани го носат во Шангај каде е гостин-диригент и шеф-диригент од 1990 до 1995 година, а во истиот период е диригент на јапонската опера „Метрополитен“ и го предводи Рускиот филхармониски оркестар на голема азиска турнеја.

Норман Виџаја е основач и консултант на неколку натпревари за млади пејачи, виолинисти и пијанисти меѓу кои и натпреварите во Гуанг Жу и Пекинг. Во Европа, диригентската кариера го води во Берлин, Дрезден, Хановер, Визбаден, Олденбург, Бремен, Нирнберг, Москва и Верона, додека пак во Азија е активен со оркестрите во Пекинг, Шангај, Јокохама, Токио, Тајпеј и Хонг Конг. Од 2002 година е шеф-диригент на филхармонискиот оркестар „Сето“ и редовно настапува како пијанист во Азија и Европа. Од 2009 година Норман Виџаја е постојан гостин-диригент на Симфонискиот оркестар во Дубровник.

Ајкут Коселери е роден во 1985 година во Анкара каде дипломира на Универзитетот „Билкент“ во 2003 година, во класата на Ајдин Мечид. За време на студиите настапува со Младинскиот оркестар „Билкент“, а потоа и со Симфонискиот оркестар. Во 2004 година станува член на Анатолискиот младински оркестар, основан од страна на пијанистот и композитор Фазил Сај. Често настапува со повеќе европски оркестри во Германија, Франција, Швајцарија, Јапонија и Турција. Од 2013 година е постојано вработен како перкусионист во Државната опера и балет во Самсун, а постојано е ангажиран во премиерните изведби на делата на Фазил Сај.