За разлика од еднoкратното усогласување на пензиите што Владата на ВМРО-ДПМНЕ го направи во висина од 630 денари само за месец ноември 2016 година, сегашната Влада го зголеми усогласувањето на пензиите и секој месец, секој пензионер ќе добие покачување на пензијата со што вкупниот дополнителен износ на крајот на 2017 година ќе изнесува 2160 денари. На крајот на годината, Владата на Република Македонија ќе ја разгледа можноста да се изврши и дополнително зголемување на пензиите, информираат од МТСП.
„Претходната влада. предводена од ВМРО ДПМНЕ, не предвидела никакво покачување на пензиите при донесувањето на Буџетот на Република Македонија за 2017 година. Со носењето на ребалансот на Буџетот за 2017 година, од страна на актуелната влада, обезбедени се средства за усогласување и исплата на пензиите до крајот на 2017 година.
Усогласувањето на пензиите во 2017 година се врши согласно член 37 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување. Имено, усогласувањето на пензијата се врши според движењето на индексот на трошоците на животот во висина од 50% и порастот на просечно исплатената плата на сите вработени во Република Македонија во висина од 50%. Пензијата се усогласува од 1 јануари и од 1 јули секоја година според процентот кој се добива како збир на порастот на индексот на трошоците на живот во претходното полугодие и процентот на порастот на просечно исплатената плата на сите вработени во Република Македонија во предходното полугодие во однос на полугодието кое му предходи.
Со таквото усогласување на пензиите се обезбедува еднаквост на корисниците на пензијата бидејќи пензијата е лично право и се остварува од остварениот работен стаж и платите.“- велат од МТСП.
Министерството продолжува да работи во интерес на граѓаните. Посветено и постепено ќе се зголемуваат пензиите, социјалните трансфери и ќе се обезбеди ефикасна и професионална социјална заштита.