По повод празникот Преображение на Господ Исус Христос на Тавор, денес во храмот „Св. вмч. Ѓорѓи“ во Охрид, денес беше отслужена света архиерејска Литургија. Со литургијата чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоереј-ставорофорите Никола Христоски, Сашо Богданоски и Димче Ѓорѓиески, протоерејот Игор Никовски, свештеникот Владо Недески и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски.
„На овој велик ден имаме уште еден повод за радост. Имено, денеска беше обнародена Одлуката на Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, донесена на предлог на нашиот надлежен Митрополит Тимотеј, со која протоерејот Игор Никовски беше награден со право на носење граден Крст, со што ја доби титулата протоереј-ставрофор. Митрополитот Тимотеј го даде овој предлог поради посветената работа на протоерејот Игор, и тоа од неговите почетоци како свештенослужител во Светиклиментовиот манастир, па како секретар на Дебарско-кичевската епархија, но и сега како парохиски свештеник во храмот „Св. вмч. Ѓорѓи“ во Охрид. Како особена заслуга, Митрополитот Тимотеј ја истакна улогата на отец Игор во уредувањето на целиот циклус на богослужбени книги, кои беа преведени на македонски јазик.“ – информираат од ДКЕ.
По завршувањето на Литургијата, според црковната традиција, беше осветен годинешниот лозов плод, а потоа Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниот народ со пригодна беседа.