Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, го потпиша Проектот за реонизација (агро-еколошко зонирање) на земјоделското производство според почвено-климатските услови на реоните во Република Македонија. Се работи за проект кој што ќе се спроведува со техничка поддршка на ФАО во износ од 355.000 долари, во времетраење од две години. Реализацијата на проектот ќе започне следниот месец. Во моментов се формира стручниот тим кој ќе биде мултидисциплинарен бидејќи се работи за комплексен проект за кој е потребна експертиза од повеќе области.
„Проектот ќе овозможи точни информации во кој реон која култура најмногу успева.Република Македонија иако има мала површина се карактеризира со многу хетерогени почвено – климатски услови. Земјоделските производители и потенцијалните инвеститори честопати немаат информации и индикатори за тоа кои култури, сорти и семиња најдобро успеваат во дадените производни реони.Еден од главните предуслови за зголемување на приносите и подобрување на квалитетот на производот, е обезбедување на правилни информации за подобноста за одгледување на одредени земјоделски култури и сорти по производни региони во државата“ ,изјави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски.
Министерот Николовски посочи дека овие информации во голема мера ќе ги намалат погрешните инвестиции и ќе послужат за одредување идни насоки во кој правец треба да се адаптира нашето земјоделство во однос на климатските промени.
Oснова за реонизацијата ќе претставува почвениот информативен систем на Република Македонија кој ќе обезбедува информации за составот и структурата на почвите на територија на државата. На него ќе се надоградат климатските услови, агробиолошките карактеристики на културите и сортите, потребите од агротехнички мерки, потребите од инвестиции во инфраструктурата во производите региони (пат, струја, наводнување), агроекономските параметри, се со цел да се добие комплетна слика заснована на современи научни анализи.
„Добиените резултати ќе послужат за правење листи на препорачани култури и сорти. Со листите ќе се сугерира правилниот избор на културите и сортите кои одговараат за одгледување во конкретни реони и ќе дадат најдобри резултати во однос на количина и квалитет. Ова ќе овозможи максимално искористување на инвестицијата и подобар приход од земјоделските стопанства“, изјави министерот Николовски.
Спроведувањето на процесот ќе вклучи научни институции кои врз основа на анализите треба да ги подготват препораките за подобност на земјоделското производство по региони, а во проектот ќе учествуваат и Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството и Управата за хидро-метеролошки работи. Листата со препорачани култури и сорти ќе биде поддржана со мерките за финансиска поддршка за развој на земјоделството (субвенции) и ќе претставува извесна гаранција за инвестицијата и нејзината оправданост.
Освен овој проект, министерот Николовски на денешната прес конференција информираше и за тековните активности поврзани со вториот проект исто така поддржан од ФАО, а кој што е многу актуелен ако се имаат во предвид честите временски непогоди. Станува збор за Проектот за намалување на негативното влијание од климатските промени, преку кој набавивме модерни агрометеоролошки станици, кои деновиве ќе бидат инсталирани на три локации: Градско, Кочани и Струмица. Со агрометеролошките станици ќе управуваУправата за хидрометоролошки работи. Избрани се токму овие локации бидејќи таму се произведуваат стратешките земјоделски култури: градинарски, овошни и ориз, за кој што е многу важно редовното следење на временските прилики.
„Информациите ќе бидат достапни до земјоделците преку новоотворената веб страна на УХМР, на која покрај временската прогноза и сезонските прогнози, на едноставен и разбирлив начин ќе бидат презентирани и други информации кои им се потребни на земјоделците за преземање на соодветни агротехнички мерки. Исто така со овој проект, преземаме активности за поддршка на средните земјоделски училишта кои вклучуваат развој на наставни материјали за климатските промени и обука на наставниците за вклучување на поимот климатски промени во наставната програма“, изјави министерот Николовски.
Со овој проект ќе се обучуваат и советниците од Аенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството во делот на справување со последиците од болестите и штетниците, кои се појавуваат заради променети климатски услови, како што е јазлестата кожа и синиот јазик.
Oва се само две од стратешките цели на Министерството за земјоделство,шумарство и водостопанство. И во следниот период МЗШВ, интензивно ќе работи на остварување на другите зацртани цели.