Доделени наградите за победниците на Охридскиот пливачки маратон

Синоќа, на пригодна свеченост, беа доделени наградите за најуспешните пливачи. Делегатот на ФИНА, ја изрази својата благодарност за ангажманот на Општина Охрид за несебичната поддршка и заложба за реализирање на уште едно успешно издание, по што на претставникот од Општина Охрид, Климе Шешоски му врачи плакета во знак на благодарност. Исто така благодарница за несебичната поддршка на Општина Охрид му врачи и Пливачката федерација на Македонија.

„Како Локална самоуправа и понатака ќе продолжиме активно материјално, финансиски и логистички да го поддржуваме Охридскиот пливачки маратон, за да се продолжи оваа успешна традиција. Од година во година маратонот го бележи својот напредок. Оваа година имавме рекорден број на натпреварувачи, 22ца, од кои 15 во машка категорија и 7 во женска. Атрактивноста и неизвесноста се се’ почести, што придонесува за пројавување на поголем интерес кај публиката која што го следи што од брегот на Охридското езеро што со пловни објекти ги следат пливачите долж патеката – „Климе Савин“, рече Климе Шешоски.

Наградите за прво место ги додели Претседателот на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов, за второ место ги додели, Климе Шешоски додека за трето место наградите ги врачи директорот на Агенцијата за млади и спорт. По врачувањето на наградите заврши официјалниот дел од 31. издание на Охридскиот пливачки маратон.