Министерката Шекеринска се сретна со новопоставеното одбранбено аташе на Турција во Македонија, полковник Урек

Денеска во Министерството за одбрана, министерката Радмила Шекеринска се сретна со новопоставеното одбранбено аташе на Република Турција во Република Македонија, полковникот Бурхан Урек.

„Македонија највисоко ја вреднува соработката и партнерството помеѓу двете армии и земји“, рече министерката, особено истакнувајќи ја турската поддршка во опремувањето и обуката на припадниците на Армијата на Република Македонија. Министерката изрази благодарност за многубројните покренати иницијативи за соработка, меѓу кои и културно-социјалната соработка и експертските разговори во делот на воената индустрија. Таа посочи дека Министерството има голем интерес за продолжување на военообразовната соработка, особено во однос на едукацијата на персонал во Военомедицинската академија ГАТА во Турција, која има изменет статус.

Полковникот Урек информираше за неколку важни точки од доменот на билатералната соработка, вклучувајќи ги и школувањата и курсевите во Центарот за совршенство во борбата против тероризмот и Партнерскиот центар во Турција.

Турското аташе при посетата на Министерството за одбрана, се сретна и со заменик-министерот Беким Максути, при што соговорниците ги потврдија одличните билатерални односи помеѓу Македонија и Турција, особено во доменот на одбраната.