Министерот за животна средина и просторно планирање Садула Дураки, денеска оствари работна средба со делегацијата на Европската Зелена партија во чиј состав беа: копретседавачот на партијата г. Реинхард Бутикофер, член на европскиот парламент од Германија, г. Орас Тинкинен, член на Комитетот на Европската Зелена партија, од Финска, г. Томас Ваиц, исто така член на Комитетот на Европската Зелена партија и новоименуван член на Европскиот парламент од Австрија и г-ѓа Весна Јусуп од Секретаријатот на Европската Зелена партија.
Целта на посетата беше размена на информации и запознавање на европската делегација со македонската политика, актуелните перспективи и случувањата со посебен акцент на состојбата во секторот на животната средина и европските интеграции.
Од страна на Министерството за животна средина и просторно планирање претставниците на делегацијата на Европската Зелена партија беа информирани за состојбите со отпадните води и третманот на отпадот во Р. Македонија, како и за загадувањето на воздухот во градовите Куманово, Скопје, Тетово и Велес.
Членовите на Европската Зелена партија се интересираа за постапката за изградба на нови рудници за бакар и злато во Македонија, при што ја понудија нивната експертска помош при усогласување на техничката документација со европските еколошки стандарди, во оваа област.