На вчерашната 24-та седница на Владата на Република Македонија, Владата ја усвои информацијата за потребата од изготвување Национална стратегија за соработка со дијаспората 2018/2023.
Усвоениот документ е прв чекор кон креирањето на националната стратегија, и е прв пат една Влада за овие 26 години независна држава, да пристапи кон прашањето на дијаспората темелно, институционално и организирано.
Дијаспората може да биде значаен катализатор за економскиот раст и е важен сегмент за развој на земјата од која потекнуваат.
Причини за изготвување на Националната стратегија за соработка со дијаспората има, меѓу кои се:
Мапирање на дијаспората
Системско утврдување на приоритетите на дијаспората
Обезбедување на механизам на соработка кој ќе биде од взаемна корист за државата и дијаспората
Утврдување на правата и обврските во политички контекст на дијаспората
Продлабочување на културната соработка помеѓу Република Македонија и дијаспората
Воспоставување на бизнис соработка помеѓу Република Македонија и дијаспората
Воспоставување на соработка во поглед на образовни мерки и младински политики помеѓу Република Македонија и дијаспората.
Националната стратегија за соработка со дијаспората ќе има и за цел со сета своја комплексност да ја приближи дијаспората со Република Македонија, бидејќи е важен дел и како граѓани на Република Македонија кои се на привремена или стална работа и живеење надвор од државата, како и тие кои имаат потекло и релации со Македонија од повеќе аспекти,семејни, социјални, културни, економски и слично.
Изготвувањето на Националната стратегија за соработка со дијаспората ќе овозможи воспоставување на потесна соработка и поврзување меѓу дијаспората и институциите на државата, што е од особено значење и интерес на двете страни, но не само тоа, ние имаме за цел потикнување на взаемна соработка и поврзување на дијаспората меѓусебно на сите полиња и надвор од границите на Република Македонија.
Затоа, развивањето на оваа стратегија за соработка со дијаспората преку импементација на повеќе мерки, позитивно ќе влијае во идентификување и воспоставување релации и подршка за разни видови на соработка- политичка,економска,културна, образовно научна кои воедно се и клучните четири столба врз кои ќе се темели националната стратегија за соработка со дијаспората.