Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска во Вила Билјана во Охрид на проштална средба ја прими Н.Е. г-ѓа Манал Џеина Ел Шинави, амбасадор на Арапската Република Египет за Република Македонија.
На средбата беа разменети мислења за севкупните билатерални односи меѓу Република Македонија и Арапската Република Египет, кои според двајцата соговорници се развиваат во духот на пријателството, меѓусебното разбирање и почитување. Во тој контекст, претседателот Иванов изрази задоволство од континуираниот дијалог и соработка на највисоко ниво меѓу двете земји.
Претседателот Иванов и амбасадорот Ел Шинави ја нагласија потребата од натамошно продлабочување на соработката на безбедносните служби на двете земји, со цел соочување со глобалните предизвици.
Амбасадорот Ел Шинави изрази задоволство од извршувањето на дипломатската должност во Република Македонија и го изрази уверувањето дека нејзината земја ќе продолжи со напорите за унапредување на односите со Република Македонија.
Претседателот Иванов се заблагодари за севкупниот ангажман на амбасадорот Ел Шинави и ѝ посака успех во идните ангажмани.