Денес во храмот „Успение на Пресвета Богородица – Каменско“ во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоереј-ставрофорите Никола Христоски и Игор Никовски, свештениците Љупчо Симиџиески, Ромео Петрески, Димче Азески, Горан Ставрески, Ѓорѓи Блажевски и Љупчо Бакрачески, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Сашо Целески.
Овој ден и оваа света Литургија ќе останат засекогаш запаметени за нашиот брат во Христа Александар Димоски од Охрид, кој денеска, од раката на Митрополитот Тимотеј, беше ракоположен во ѓаконски чин. Александар Димоски е роден во Охрид, каде што и го завршува основното образование. Потоа се запишува во МПБ „Св. Климент Охридски“ во Скопје, а високо образование завршува на Богословскиот факултет во Солун. Моментално е на постдипломски студии на истиот факултет, а вработен е како професор во Средното богословско училиште во Скопје. Од името на целата епархија и нашиот Митрополит, му го честитаме ѓаконскиот чин на Александар, со молитви кон Бога, вистински, со љубов и долгоденствено да Му служи на нашиот Создател, на Неговата света Црква и на нашата света Македонска православна црква. Оваа Литургија ќе остане запаметена и за свештеникот Љупчо Симиџиески, кој од раката на Митрополитот Тимотеј беше произведен во протоерејски чин. Од името на целата епархија му го честитаме чинот и на отец Љупчо.“- информираат од Дебарско-кичевската епархија.