Прес конференција,
Горан Сугарески, министер за транспорт и врски во Владата на Република Македонија
Дозволете во името на Владата на Република Македонија да најавам уште една нова мерка во интерес на граѓаните. На денешната седница Владата го усвои предлогот на Министерството за транспорт и врски за измени и дополнувања на Законот за постапување со бесправно изградените објекти или во јавноста познат како закон за легализација на бесправно изградените имоти.
Имено, Министерството за транспорт врски по извршената теренска анализа и непосреден контакт со засегнатите странки утврди дека во Република Македонија до сега, процентот на легализирани дивоградби е на ниво од само 40% или околу 186.000 објекти коишто се легализиани и попишани во Катастарот. Од податоците со кои располага Министерството за транспорт и врски и Единиците на локалната самоуправа, констатиравме дека во најголем број случаи заради обемната и сложена административна постапка, граѓаните не успеале во предвидениот рок да го остварат своето право.
Тргнувајќи од принципот дека легализацијата на дивоградбите мора да биде праведна и достапна за сите категории на граѓани на кои овој проект им е неопходен за да конечно си го остварат уставно загарантираното право на сопственост, притоа државата да води сметка од ниту еден аспект да не го загрози социјалниот аспект на живеење, Владата денес одлучи да воведе нови рокови со кои на засегнатите граѓани ќе им овозможи дополнително време и тоа:
• Прво, нови 12 месеци, сметано од 01 јануари до 31 декември 2018 година за сите граѓани кои претходно не успеале да поднесат Барање за легализација, сега тоа свое право да можат да го остварат во овој дополнителен рок и
• Второ, нови 6 месеци, сметано од 01 јануари до 30 јуни 2018 година за сите граѓани кои за претходните Барања не ја обезбедиле неопходната документација, да стекнат право во овој дополнителен рок да поднесат нови Барања за легализација со комплетна документација.
Услов за легализација на објектот е истиот да бил изграден заклучно со 3 март 2011 година. И понатаму остануваат истите неопходни документи за аплицирање како и претходно.
Дополнително, за да нема никакви компликации, за сите претходни предмети кои имаат некомплетна документација, Единиците на локалната самоуправа преземаат обврска во најкус можен рок да ги известат сите засегнати странки дека нивните претходни Барања се невалидни, за да истите можат да го искористат новиот рок од 6 месеци, да поднесат ново Барање со целосна документација.
Сметаме дека со тоа што предвидовме овие рокови да започнуваат да течат од 1 јануари 2018 година, оставаме доволно време на сите општини во Република Македонија, како и ние во Министерството за транспорт и врски заедно да ги извршиме сите неопходни подготовки и да ги ставиме во функција сите расположливи капацитети за да можеме сите нови Барања за легализација на дивоградби да ги завршиме во предвидените рокови.
Сакам јасно да повикам и ја користам приликата да ги повикам сите пратенички групи во Собранието на Република Македонија да ги прифатат овие законски измени кои се исклучиво во интерес на граѓаните на Република Македонија.
Одговори на новинарски прашања:
Медиуми: Со минатото законско решение голем број на граѓани се жалеа дека имало многу злоупотреби коишто се во реони заштитени со закон. Дали е препознаено тоа како проблем и дали се нуди решение околу овие прашања?
Сугарески: Значи во делот на она што значи сега предлог измена на на законот, ние го продолжуваме рокот за да обезбедиме простор за сите оние граѓани коишто во минатиот период од објективни или субјективни причини не можеле да достават или аплицираат за легализација на овие објекти. Меѓутоа морам тука да потенцирам, согласно законот оние коишто не исполнуваат законски услови за да можат да легализираат објекти не влегуваат без разлика дали станува за такви подрачја или било какви други основи. Значи овде станува збор за луѓето коишто поради разно разни причини, не поднесле барање или пак имале одредена некомплетна документација. Некои можеби биле во тој период во странство или од други причини тоа не го направиле. Меѓутоа законот останува во сила во оние делови кадешто сметаме дека незаконски не може да се легализира. Тоа е рокот до март месец 2011 година после тоа не. Станува збор за претходно.
Медиуми: Дали знаете уште колку вакви објекти има?
Сугарески: Значи вака сега, прашањето е многу легитимно. И ако станува збор за некоја бројка од 440.000 зборувам севкупно тука, и Министерството за транспорт и врски и општините, ние имаме реална бројка колку до моментов се легализирани меѓутоа заради оној процент што го спомнав во самата прес конференција кажувам дека дополнително простор на граѓаните треба да им се даде, зборувам и за оние што аплицирале, зборуваме за одредени апликации и затоа таа бројка за мене е некои скромни 40 до 45%. Затоа мислам дека со оваа мерка, со овие услови што ги даваме бидејќи даваме и дополнително овозможување на оние што биле одбивани по разно разни основи, сега првите шест месеци во годината им даваме за право да го направат. Знаете дека овој процес кога е носен законот има десетгодишна важност, од 2011 март до 2021 година март. И ние не го продолжуваме тој рок туку го продолжуваме рокот на апликација. Така да мислам дека сериозно излегуваме во пресрет и ова е барање на огромен број граѓани во Република Македонија.