Министерството за култура на Република Македонија ги објави првите добитници на Конкурсот за Манифестацијата „Нов културен бран“, кој беше распишан на 31 јули 2017 година. Од речиси 200 пријави, во првиот круг на селекција се избрани 53 апликации, за кои се распределени околу 6 милиони денари. Во тек е вториот конкурсен рок, кој ќе трае се до исцрпување на буџетот на Манифестацијата.
„На првиот повик од конкурсот пристигнаа 190 пријави и сите беа внимателно разгледани од страна на членовите на комисијата која, водејќи се според критериумите и насоките наведени во објавата на конкурсот, одлучи досега да поддржи 53 предлог проекти или 30% од пристигнатите пријави. За овие пријави се распределија средства во висина од скоро 6 милиони денари. Со тоа, предвидениот буџет за Манифестацијата „Нов културен бран“ не е исцрпен и повикот за доставување на пријави останува отворен до исцрпување на истиот“, истакна претседателката на конкурсната комисија,Христина Иваноска – Чаловска на прес – конференцијата која се одржа денес во Чифте – амамот во Скопје.
Министерот за култура, Роберт Алаѓозовски го истакна задоволството од начинот, на кој беше спроведен целиот досегашен процес со конкурсот за Новиот културен бран. Тој потсети дека новото раководство на министерството ветило воведување нови стандарди на работење – транспарентност, отчетност, непристрасност и ефикасност на сите фактори во културниот систем, дека ќе се гарантира автономијата во изборот на програмите и проектите, како и дека ќе се воспостави практика секоја одлука да биде изведена врз јасни критериуми и да биде образложена, дека статутите и стратегиските документи ќе бидат објавени заедно со критериумите, за да може јавноста да се увери и да донесе суд дали и колку се почитувани зацртаните цели и критериуми преку секоја конкретна програма или селекција.
„Токму со Новиот културен бран, ние ги демонстриравме во практика нашите зацртани цели. – Конкурсот беше објавен и промовиран интензивно, преку прес конференции, соопштенија до јавноста и медиумите и многу објавени содржини на социјалните мрежи, а за тоа не потрошивме ниту еден денар од парите на граѓаните. Формиравме стручна комисија, составена од истакнати културни работници и познавачи на различни аспекти на организирање и осмислување културни настани. Комисијата беше составена од надворешни лица, тие работеа целосно автономно, без обиди за вмешување или влијание од страна на Министерството и вработените. Детали за работата на комисијата за овој конкурс ќе изложи нејзината претседателка, јас само можам да го истакнам задоволството од нивната работа, и да посочам дека комисијата ќе има уште еден процес на селекција на преостанатите апликации, по што ќе достави известување со образложение до сите оние кои што аплицираа на конкурсот“, рече Алаѓозовски.
На линковите подолу можете да ги најдете обраќањето на министерот Алаѓозовски на денешната прес – конференција, извештајот на комисијата и листата на првично одобрени проекти, која ги вклучува носителите, видот на настан и местото на одржување, побараните и одобрените средства.
Првичен извештај на конкурсната комисија за Манифестацијата „Нов културен бран“