Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој исплати 110 милиони денари или близу 1,8 милиони евра за субвенции за земјоделците и преработувачките капацитети. Од нив, 39,8 милиони денари (650.000 евра) се исплатени за субвенци за винарските визби по основ на откупено грозје. В.д директорот на Агенцијата Никола Бабовски посочи дека се исплатени субвенции за вкупно 13 винарници, а две се избришани од регистарот и тие од законски причини нема да добијат субвенции за реколтата 2015/2016 година.
„Средствата беа ветени како поддршка за да може годинашниот откуп на грозјето да се заврши без никакви проблеми. Ова се субвенции кои винарските визби ги добиваат за реколтата 2015/2016 година за сортите „вранец“ и „смедеревка““,изјави на денешната прес конференција Бабовски.
Освен за винарниците, дел од исплатените 110 милиони денари се наменети за субвенции за произведено и предадено овошје во преработувачки капацитети, за амортизирани неселки заклани во кланични капацитети, за рурална инфраструктура, поддршка на саемите, за органско производство и за поддршка на Фондот за иновации. Во изминатите две недели, пак, исплатени се вкупно 6,5 милиони евра субвенции . А во последните три месеци, се исплатија околу 60 милиони евра за субвенции за земјоделците.
Во завршна фаза на обработка се решенијата за исплата на преостанатите субвенции за 2016 година, и за заостанати долгови од 2015 година.
Инаку на 15-ти септември истекува аплицирањето за мерките од Програмата за финансиска поддршка за 2017 година. Во моментов според податоците од Агенцијата, поднесени се повеќе од 53 илјади апликации, а се очекува оваа бројка до истекот на рокот да достигне 72 илјади апликации.