МТСП: Царовска ги отвори Републичките пензионерски спортски натпревари во Кочани

Во чест на 8-ми Септември, денот на независноста на Република Македонија и 20-ти Септември, Денот на пензионерите на Македонија, денеска во Кочани се одржуваат 22-те Републички пензионерски спортски натпревари во организација на Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија.

Во својство на покровител на манифестацијата, министерката за труд и социјална политика Мила Царовска одржа поздравно обраќање пред членовите на Сојузот и учесниците на игрите, при што истакна:

,,Возрасните лице и пензионерите ја носат мудроста на нашето општество, а јас навистина би сакала ние како млади луѓе да можеме да слушнеме и да искористиме се’ она што вие сте научиле и секако да вложиме дополнително во нашето општество кое вие сте го граделе. Ние како Влада на Република Македонија и како Министерство за труд и социјална политика ќе го почитуваме сето она кое здружението на пензионери и сите здруженија низ републиката ќе го постават до нас како прашање и барање.’’

Во однос на прашањата кои се од директен интерес на пензионерите, министерката Царовска нагласи дека Советот за социјална сигурност, кој во претходните две години воопшто не се состанал, веќе утврди динамика на работа и на последната одржана седница донесе неколку заклучоци. Еден од нив се однесува на прашањето за бањската рекреација и лекување, за кои е договорено дека ќе продолжат и во иднина. Во однос на актуелното прашање околу покачувањето на пензиите, Царовска повтори дека растот на платите и растот на трошоците на живот ќе се усогласува со пензиите два пати годишно, а покрај тоа, согласно кондицијата и растот на буџетот Владата ќе одлучува и за дополнително покачување.

МТСП ќе ги поттикне и другите институции кои партиципираат во Советот да донесат одлуки и за другите сфери на живеење со што би се подобрил стандардот и квалитетот на живот nа пензионерите. Министерката најави план за подобрување на условите во пензионерските домови, а ќе се работи и на проект за воведување на патронажна служба за палијативна грижа.