Министерот за внатрешни работи на Република Македонија, Оливер Спасовски вчера и денеска (7 и 8 септември) учествува на Конференција на министри на земјите кои се дел од процесот Брдо. Тема на конференцијата е воведувањето на интегрирано управување со граничната безбедност – систем кој во себе ќе вклучува три столбови на интегрирано управување: за борба против тероризмот, борба против организиран криминал и гранична безбедност.
„Во моментов, има најмалку 10 регионални рамки и иницијативи кои утврдуваат сопствен збир на приоритети на дејствување во насока на пружање поддршка на нивните сопствени имплементациски процеси. При тоа, националните служби за спроведување на законот работат на неколку различни сетови приоритети по кои треба да постапуваат, расплинувајќи сопствени човечки и логистички ресурси за да обезбедат задоволително ниво на учество во иницијативата, односно регионалната организација. Механизмот на интегрирано управување со внатрешната безбедност ја обезбедува токму потребната синергија меѓу различните регионални иницијативи, осигурувајќи одржливост, регионална сопственост и еден сеопфатен пристап во постапувањето на сите национални администрации, но и на сите регионални рамки и постоечки инструменти и утврдени алатки“, рече министерот Спасовски во своето обраќање на конференцијата.
Притоа, додаде Спасовски, уште една додадена вредност во ваквиот начин на управување со внатрешната безбедност е навремената, сигурна и неопходна потреба од искористување на надворешната помош од земјите-членки на ЕУ – област која повеќето земји од Западен Балкан недоволно ја користат.
„Секоја форма на соединување на сили во борбата против криминалот претставува чекор напред за сите нас, особено имајќи предвид дека овој вид на соработка донесува на едно место експерти за одредена област, градејќи на тој начин мрежа меѓу националните органи, цврсто застанувајќи против криминалот и тероризмот на регионално и меѓународно ниво“, рече Спасовски.
Министерот Спасовски на маргините на Конференцијата оствари и билтерални средби со министерката за внатрешни работи на Република Словенија Весна Гјоркош Жнидар и министерот за внатрешни работи на Црна Гора Мевлудин Нухоџиќ, На средбите се разговараше за продолжување на соработката и заедничките проекти на полициите од регионот.
Во продолжение интегрално го објавуваме обраќањето на министерот Спасовски:
Дозволете ми на самиот почеток да изразам искрена благодарност до Министерството за внатрешни работи на Република Словенија за поканата за учество, но и за одличната организација на оваа средба.
Земајќи го предвид проширениот спектар на криминалитет и ригорозната потреба да се одговори на безбедносните предизвици во регионот на Западен Балкан и пошироко, веќе воспоставените функционални механизми може да се преклопуваат во одредени делови од нивните надлежности. Бројноста на носители на активности присутни во регионот на Југоисточна Европа исто така го зголемуваат ризикот од преклопување или утврдување на слични цели.
Во моментов, има најмалку 10 регионални рамки и иницијативи кои утврдуваат сопствен збир на приоритети на дејствување во насока на пружање поддршка на нивните сопствени имплементациски процеси. При тоа, националните служби за спроведување на законот работат на неколку различни сетови приоритети по кои треба да постапуваат, расплинувајќи сопствени човечки и логистички ресурси за да обезбедат задоволително ниво на учество во иницијативата, односно регионалната организација. Пред да продолжам со моето обраќање, би сакал да подвлечам дека секоја форма на соединување на сили во борбата против криминалот претставува чекор напред за сите нас, особено имајќи предвид дека овој вид на соработка донесува на едно место експерти за одредена област, градејќи на тој начин мрежа меѓу националните органи, цврсто застанувајќи против криминалот и тероризмот на регионално и меѓународно ниво.
Сепак, морам да истакнам и дека соработката меѓу земјите од регионот на Западен Балкан задолжително мора да биде придружена и со продлабочување соработката меѓу земјите од Западен Балкан и Европската Унија, од причина што првенствено, тоа би ја зајакнало врската меѓу приоритетите за членство на земјите од Западен Балкан во ЕУ, а воедно, со тоа и би се фокусирале и концентрирале сите чинители на дејствување од аспект на обезбедување подголема ефикасност.
Поради тоа потребно е да се направат реформи кои ќе обезбедат оптималност во искористувањето на човечките и финансиските ресурси за да се постигне предвидената цел.
Кога сме кај реформите, би сакал да напоменам дека Република Македонија започна сериозни реформи во работата на нациналната администрација, пред се во безбедносниот сектор. Имено, изминативе неколку години довербата на граѓаните во полицијата беше драстично намалена, пред се поради два најкритични настани, и тоа скандалот со прислушувањето кое Управата за државна безбедност и контраразузнавање која се наоѓа под МВР, го имаше направено на повеќе од 20.000 луѓе, како и немилите настани од 27 април 2017 година, кога поголема група на демонстранти влегоа во Собранието на Република Македонија, дел од нив и со фантомски маски, и непречено поминуваа покрај полицијата која го обезбедуваше Собранието, при што физички нападнаа, тепаа и повредија пратеници, меѓу кои бев и јас и лидерот на СДСМ Зоран Заев, моменталниот Премиер на РМ.
Поради тоа сметам дека реформите во безбедносниот сектор се особено важни за подигнување на едно здраво општество, општество кое ќе биде ослободено од криминалните дејствија и корупцијата, опшетство во кое граѓаните ќе се чувствуваат слободни и ќе може да ги остваруваат своите основни слободи и права. Токму такво општество е Европската Унија, кон која сите ние земјите од Западен Балкан се стремиме.
Механизмот на интегрирано управување со внатрешната безбедност ја обезбедува токму потребната синергија меѓу различните регионални ииницијативи, осигурувајќи одржливост, регионална сопственост и еден сеопфатен пристап во постапувањето на сите национални администрации, но и на сите регионални рамки и постоечки инструменти и утврдени алатки. Притоа, уште една додадена вредност во ваквиот начин на управување со внатрешната безбедност е навремената, сигурна и неопходна потреба од искористување на надворешната помош од земјите-членки на ЕУ – област која повеќето земји од Западен Балкан недоволно ја користат.
Имајќи го предвид горенаведеното, ми претставува особена чест да истакнам дека Министерството за внатрешни работи на Република Македонија изразува апсолутна поддршка на натамошниот развој на Интегрираното управување со внатрешна безбедност.
Што се однесува до Проектните задачи и Помошната структура на IISG со чиешто одобрување, всушност и ќе започне искористувањето на постоечките капацитети, Министерството за внатрешни работи на Република Македонија се согласува со презентираниот концепт, а воедно, како Министер за внатрешни работи го прифаќам и мандатот на член на Бордот на IISG како највисоко тело на Помошната структура на IISG.
Би сакал да ја искористам оваа прилика и да изразам целосна поддршка и отворена соработка од страна на Република Македонија во реализирање и спрведување на целиот концепт на Интегрирано управување со внатрешната безбедност.
Ви благодарам.