МНР со соопштение до јавноста во врска со ураганот Ирма – дополнителни информации.
„Би сакале да ги споделиме ажурираните информации кои штотуку ги добивме од амбасадата во Вашингтон, а се однесуваат на состојбите во погодените подрачја од ураганот Ирма.
Амбасадата е во континуирана комуникација со надлежните служби во САД. Досега нема информации за повредени или загинати македонски државјани.
Претставниците од македонската амбасада во Вашингтон стапија во контакт со македонската државјанка која престојуваше во францускиот дел на островот Сент Мартин, која е евакуирана на безбедно. Во контакт се и со семејството кое се наоѓаше во холандскиот дел на Сент Мартин и кое веќе е евакуирано од островот.“- информираат од МНР.
Од Министерството апелираат на будност и следење на препораките, имајќи предвид дека опасноста од ураганот се’ уште не е надмината.
Телефонските броеви за контакт со македонската амбасада во Вашингтон на кои може да се обратат македонските граѓани во секое време се: 202-390-7418 и 202-667-0501.