Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, денеска се сретна со амбасадорот на Европската унија во Република Македонија, Самуел Жбогар.
„Постои голем оптимизам во Брисел дека Македонија е конечно подготвена да оди напред во интерес на иднината на граѓаните и на државата. Република Македонија ја има најголемата шанса за успех досега за остварување на стратешките евро-атлантски цели“ пренесе евроамбасадорот Жбогар на средбата со премиерот Заев.
Претседателот на Владата на Република Македонија посочи дека Владата фокусирано го реализира реформскиот План 3-6-9 низ инклузивни политики на соработка во општеството, работи на подобрување на животниот стандард на граѓаните, како и на пријателска, принципиелна и конструктивна соработка со соседите и со земјите членки на ЕУ и НАТО.
„Владата на Република Македонија е определена да обезбеди квалитетен живот на граѓаните. Ќе ги спроведеме потребните реформи и низ политиките на градење мостови ќе ги осигураме евро-атлантските перспективи. Сметаме дека со сите позитивни чекори што ги правиме како Влада и како држава, реални се надежите Република Македонија да добие чиста препорака и датум за преговори со ЕУ, како и покана за членство во НАТО“, рече премиерот Заев.
На средбата со евроамбасадорот Жбогар, претседателот на Владата Заев ја потврди цврстата определба на Владата за демократски, фер и регуларни локални избори, што е исто така поздравено од Европската унија.