Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска го прими д-р Милан Брглез, претседател на Државниот збор на Република Словенија, кој престојува во посета на Република Македонија.
На средбата беа разменети мислења за севкупните билатерални односи меѓу Република Македонија и Република Словенија, вклучувајќи ја соработката на парламентарно ниво, при што беше констатирано дека во континуитет двете земји негуваат пријателски односи, без отворени прашања, базирани на долгогодишна конструктивна соработка и заемна поддршка на билатерален и мултилатерален план.
Претседателот Иванов изрази задоволство од добрата динамика на политичкиот дијалог меѓу двете земји и континуираната реализација на средби на високо ниво.
На средбата претседателот Иванов изрази благодарност за континуираната и принципиелна поддршка од Република Словенија за аспирациите на Република Македонија за членство во Европската Унија и во НАТО, како и за поддршката во однос на бегалската и мигрантската криза. Претседателот Иванов изрази очекувања дека и во периодот што следи ќе продолжи соработката меѓу двете земји на планот на европските и евроатланските интеграции на Република Македонија, во рамки на Брдо Бриони Процесот, Процесот за соработка во југоисточна Европа и останатите регионални иницијативи.
Во разговорите беше посочена потребата за продлабочување на економската соработка и зголемување на трговската размена меѓу двете земји, за што беше констатирано дека постои голем потенцијал.
Двајцата соговорници разменија мислења за актуелните случувања во регионот и во Европа, особено во контекст на безбедноста и ја констатираа потребата од засилена соработка со цел да се обезбеди мирот и сигурноста во регионот.