Потпишан договорот за реципрочно признавање на возачките дозволи со Босна и Херцеговина

Денеска во Владата на Република Македонија беше потпишан договор за реципрочно признавање на возачките дозволи меѓу Република Македонија и Босна и Херцеговина. Во име на Владата на Република Македонија договорот го потпиша министерот за внатрешни работи и потпретседател на Владата Оливер Спасовски, а во име на Советот на министри на Босна и Херцеговина договорот го потпиша министерот за комуникации и транспорт Исмир Јуско.

Министерот Спасовски по потпишувањето на договорот рече дека овој чин е од особено значење за граѓаните од двете земји.

„Надлежните органи на двете држави реципрочно ги признаваат возачките дозволи на возачите кои како туристи или комерцијални возачи управуваат со возило на територијата на едната или другата држава. Воедно, граѓаните кои имаат регулирано престој согласно националното законодавство на двете држави можат, без да има потреба од полагање теоретски и практичен испит, да ја заменат својата возачка дозвола за возачка дозвола од истата категорија и поткатегорија на другата држава. При исполнување на ова свое право граѓаните ќе треба да ја почитуваат административната процедура која ќе им го овозможи ова право“, рече министерот Спасовски.

Тој потенцира дека договорот со Босна и Херцеговина е дел од проектот на Министерството за внатрешни работи на Република Македонија за реципрочно признавање и замена на возачки дозволи, кој МВР го има започнато со голем број држави во светот. Имено, Република Македонија има потпишано вакви билатерални договори и со Италијанската Република, Кралството Шпанија, Република Албанија, Црна Гора и Република Србија , при што на носителите на македонска возачка дозвола кои престојуваат во овие држави не им е потребна меѓународна возачка дозвола, а на оние кои го имаат регулирано нивниот престој, може да им се изврши замена на возачката дозвола.

„Во тек е процедурата за потпишување Договор за признавање и замена на возачки дозволи и со Република Косово, Република Турција, Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска и Сојузна Република Германија, кои претставуваат приоритет на Министерството за внатрешни работи, со оглед на фактот дека голем број македонски државјани живеат и работат во тие држави“, рече министерот Спасовски.

Министерот за комуникации и транспорт на БиХ Исмир Јуско потенцира дека овој договор е потпишан меѓу две пријателски земји, кои и натаму ќе ја унапредуваат соработката.

„Босна и Херцеговина и Република Македонија имаат одлични односи, а со потпишувањето на овој договор тие односи дополнително се унапредуваат“, рече министерот Јуско.