Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев заедно со заменик претседателот на владата задолжен за економски прашања и координација со економските ресори, Кочо Анѓушев, денеска се обратија пред 150 домашни и германски компании членки на Македонско-Германското стопанско здружение во рамки на деловниот ручек кој беше организиран од ова здружение и Германската стопанска комора во Македонија.
Свое обраќање имаше и Патрик Мартенс, директор на Германската стопанска комора во Македонија кој изрази уверување дека економскиот развој ќе биде во фокусот на новите владини економски политики.
„Двестотини германски компании во Македонија се сериозно учество во она што значи создавање на домашно производство, а и она што значи извозна компонента за Република Македонија. Знаете дека како и секоја земја, така и нашата земја се стреми кон зголеување на својот бруто домашен производ и секако огромен процент на енергија насочуваме на зголемување на извозната активност заради тоа што само тоа е гаранција за стабилноста и за перспективноста на било која економија“, посочи премиерот Заев.
Премиерот Заев соопшти дека политиките за привлекување на странски инвестиции продолжуваат и ги охрабри компаниите да ја користат поддршката за нови инвестиции и за раст на постојните и асистенцијата што владата ја нуди во надминување на проблемите со кои се соочуваат во рамки на своето работење.
„Да се биде во суфицит во трговијата со Германија е прекрасна работа. Ние се надеваме дека ќе останеме во суфицит, а тоа е благодарение, меѓу другото, на автомобилската индустрија, но и на вас, компаниите, што еден дел од своето точно го пласирате во Германија“, истакна премиерот Заев.
Во однос на најавените економски политики, премиерот изрази очекување дека државната помош за нови инвестиции и поддршка за постојните инвестиции којашто во текот на утрешниот ден детално ќе ѝ биде образложена на јавноста, ќе биде поздравена од домашните компании, како и од германските компании.
„Новините што ќе се појават во Македонија, се дополнително зголемена поддршка за компаниите. Ништо нема да се одзема од тоа што до сега го добиваа компаниите. Новините ќе бидат надоврзани пред сѐ на резултатот којшто ќе го покажуваат компаниите, не само на бизнис идејата. Од резултатот што ќе биде констатиран на завршните сметки. Колку покажуваат раст и развој, толку може да сметаат на директна поддршка од државата. Сакам да аплицирате на владините програми, но и да учествувате во она што утре ќе го објавиме, по пат на дебата, да го подобриме, да го усовршиме на еден начин“ посочи премиерот.
Заменик претседателот на владата задолжен за економски прашања и координација со економските ресори, Кочо Анѓушев зборуваше за главните области во кои владата ќе ја насочува државната поддршка и рече дека мерките за поддршка се темелат на три столба, на мерки за поддршка на гринфилд и браунфилд инвестиции во технолошко индустриските развојни зони и надвор од нив, за поддршка на извозот и за поддршка на малите и средни претпријатија.
„Во првата група мерки ќе бидат мерки што ќе бидат поврзани со вработувањата. Секој што ќе има нововработени лица во една фискална година, ќе биде поддржан во следната фискална година и тоа под услов ако има раст на приходите и доколку нема намалување на бројот на вработени. Истото ќе се однесува и за браунфилд инвестициите. Потоа ќе има посебни мерки кои се однесуваат на извозно-ориентираните компании, како и посебни мерки што се однесуваат на старт-ап и на малите и средни претпријатија“, рече Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, на работниот ручек во организација на Германската стопанска комора во Македонија.