Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев заедно со заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања и координација со економските ресори, Кочо Анѓушев на денешната прес конференција го презентираа планот за економски раст кој ќе овозможи зголемување на конкурентноста во стопанството и подобар животен стандард на граѓаните.
„Владата на Република Македонија отпочнува процес што обезбедува подобар животен стандард за сите наши граѓани и услови за раст на економијата и бизнисот. План за економски раст, за квалитетен животен стандард на граѓаните, е називот на документот со којшто се обврзуваме да создадеме реални шанси за инвестиции, извоз и конкурентност на претпријатијата, со што ќе отвориме можност за повисоки плати и нови работни места во Република Македонија“, истакна премиерот Заев на почеток на своето обраќање.
Премиерот Заев нагласи дека во реализацијата на овој план за економски раст, Владата на Република Македонија ќе се води од 6 принципи кои се засноваат на ослободување на приватниот сектор од „политичките стеги“ и клиентелизмот, транспарентност на политиките при нивното спроведување, неутралност, недискриминација и еднаков третман на домашните и странските инвеститори, добра координација при спроведувањето на одделните политики во рамки на индустриската политика, ефикасност и ефективност на политиката, но и постојано следење и мерење на резултатите.
Во однос на принципите, премиерот додаде дека овој економски план создава услови за ослободен деловен амбиент од клиентелизам и политички репресии и притисоци, овозможува транспарентни услови и критериуми по кои секој инвеститор ќе може да избере пакет на поддршка што најмногу одговара за неговата инвестиција, обезбедува исти услови за инвестирање и работа на потенцијалните инвеститори и претпријатијата како и добра координација во работата на институциите кои се вклучени во системот за реализација на планот за економски раст. Премиерот нагласи дека процесот ќе се мониторира до крајните резултати и ефектите од спроведувањето на овие политики ќе се мерат.
„Во реализацијата на оваа нова стратегија за раст на економијата и за подобар стандард на граѓаните, свесни сме дека вложуваме пари на граѓаните. Тие се акционери во оваа иницијатива. Ним треба да им ги испорачаме резултатите! Резултатите ќе ги постигнеме доколку ги оствариме приоритетните цели на новата економска политика на Владата за индустриски развој на Република Македонија“, нагласи премиерот Заев.
Во однос на целите коишто ќе се постигнат од спроведувањето на планот за економски раст, премиерот Заев посочи дека резултатите ќе бидат во интерес на граѓаните и стопанството, како што се пораст на приватните странски и домашни инвестиции, пораст на вработеноста, пораст на ефикасноста, продуктивноста и конкурентноста на приватниот сектор, зголемување на извозот и регионалната деловна поврзаност, пораст на материјалната благосостојба на граѓаните и пораст на бруто домашниот производ.
„Сите инвеститори се добредојдени. Искрено ги повикуваме да го инвестираат својот капитал во Македонија, за што ќе добијат еднакви шанси и можности од државата. Ветивме дека ќе се грижиме и ќе вложуваме во домашните препријатија. Веќе одвоиме пари за поддршка на домашните претпријатија. Ќе се грижиме и за странските инвеститори. Политиките на отворени врати, засилената добрососедска и регионалана соработка и добрите односи со земјите членки на ЕУ и НАТО, треба да знаете дека веќе ги даваат првите резултати на зголемен интерес за инвестирање во Република Македонија“, истакна премиерот Заев.
Премиерот Заев посочи дека државата отвора процес со кој создава реални услови за нови сигурни работни места и за повисоки плати за граѓаните и за таа цел со предвидените мерки ќе се мотивираат и поддржуваат претпријатијата за унапредување на квалитетот на производите и услугите, за изработка на проекти за нови инвестиции и нови производи, за нивна зголемена извозна активност.
„Со поддршката на инвестициите, на извозот и на малите и средни претпријатија, ја отвораме спиралата на покачувања на платите. Го направивме првиот чекор со зголемувањето на минималната плата и притоа значително внимание посветуваме на стабилноста на бизнисите паралелно во овој проект. Инсистираме на пораст на платите како еден од двигателите на економскиот раст. Со одредени, првични мерки ги намаливме трошоците на граѓаните, со што ја зголемуваме куповната моќ на граѓаните и го подобруваме животниот стандард“ посочи премиерот.
Во однос на мерките за поддршка тој рече дека таа е распределна на три главни области, за нови „гринфилд“ и браунфилд“ инвестиции и за зголемување на конкурентноста, за поддршка на извозот и за поддршка на мали и средни претпријатија.
„Во фокусот на мерките за поддршка ги ставивме малите и средни претпријатија. Тие се двигатели на економијата. Максимално ќе ги помогнеме оние мали и средни претпријатија кои ќе влезат во инвестиции за подобрување на енергетската ефикасност, оние кои ќе ги патентираат своите производи, како и оние кои воведуваат информациони системи и поттикнуваат иновативност. Определивме и дополнителна посебна финансиска поддршка за подготовка на развојни проекти за деловно поврзување за воспоставување трајна деловна соработка на малите и средни претпријатија со странски инвеститори и домашни компании“, соопшти премиерот.
Премиерот Заев го заокружи своето обраќање со пораките дека владата ќе работи на унапредување на патната, железничката и енергетската инфраструктура но и на прилагодување на образовниот порцес и на програмите на факултетите кон потребите и барањата на стопанството.
„Со ‘Планот за економски раст’, развиваме економија којашто се создава на здрави основи и придобивките од тој економски раст се за сите подеднакво, и за граѓаните и за стопанството!“ истакна премиерот во завршницата на своето обраќање.
Вицепремиерот Анѓушев: Имаме план за подобра деловна клима и за повеќе и подобро платени работни места
Вицепремиерот за економски прашања Анѓушев истакна дека станува збор за драфт верзија на програмата за којашто во периодот што следи ќе биде отворена јавна дебата и расправа, за сите институции и заинтересирани економски субјекти во државата да учествуваат со препораки, критики и идеи во нејзиното финализирање.
„Оваа програма е максимално транспарентна и ориентирана кон резултатите. Ќе бидат поддржани оние компании и економски субјекти што ќе испорачаат резултати. По завршувањето на фискалната година и по предавањето на завршните сметки кон даночните институции ќе може да аплицираат за оваа програма само доколку прикажат раст во приходите и ненамалување на бројот на вработени“, објасни вицепремиерот Анѓушев.
За компаниите што се бенефицирани на некој начин и работат регулирани и лиценцирани дејности, и што имаат добиено концесии и имаат пристап кон националното богатство на Република Македонија, вицепремиерот информираше дека нема да важат овие мерки.
„Мерките се поделени во три групи. Првата група се мерки за поддршка на целата економија и тоа се мерки што ги опфаќаат сите економски субјекти. Втората група се мерки за извозно ориентираните компании, за дополнителна стимулација на нивниот извоз. Третата група на мерки се насочени кон малите и средните претпријатија “, рече вицепремиерот Анѓушев.
Заменик претседателот на владата за економски прашања, Анѓушев ги објасни детално мерките за државна поддршка.
Поддршка ќе следува за новокреирани работни места доколку исплатената плата е за 50% повисока од минималната плата. Десет отсто од нето од вредноста на платата ќе биде вратена кон инвеститорот. Моделот ќе биде пропорционален, колку е повисока исплатената плата, толку и поддршката ќе биде поголема.
За втората мерка, вицепремиерот Анѓушев рече дека води грижа за високоплатените кадри. Поддршката за компаниите кои ќе дадат плата повисока за два пати од просечната плата во Република Македонија, ќе бидат финансирани со 20% од исплатената плата. Односно, на исплатена плата на висококвалификуван кадар од 45.000 денари, 9.000 денари ќе му бидат вратени на инвеститорот, при што овој износ пропорционално расте во зависнот од висината на платата.
Целта е, како што посочи вицепемиерот Анѓушев младите луѓе да останат да живеат и работат во Македонија, и да бидат добро платени за тоа.
Следната мерка за којашто зборуваше вицепремиерот, има за цел да ја зголеми соработката меѓу домашните компании и странските инвеститори, и рече дека за набавка на 10% на материјални средства за работа од домашни фирми над просекот за последните три години, финансиската поддршка ќе изнесува 1% од вредноста на набавката, а за секои дополнителни 10%, финансиската поддршка ќе се зголемува за 2% од вредноста на набавките.
Вицепремиерот Анѓушев ја соопшти и мерката за поддршка на формирање развојни центри, и посочи дека финансиската поддршка ќе се однесува на покривање на 20% од платите на вработените во развојните центри и покривање на 30% од вредноста на новонабавената опрема во развојните центри. Оваа мерка, појасни вицепремиерот, е мотивација за инвеститорите да ги отворат или префрлат своите развојни центри во Македонија.
Вицепремиерот презентираше и мерки за привлекување на големи интернационални компании и меѓунационални корпорации, како и за рестартирање на компании кои се во стечај или ликвидација.
Во однос на вториот столб на мерки за поддршка на извозот, вицепрмиерот Анѓушев рече дека државата ќе обезбеди неповратна финансиска поддршка за фирмите коишто ќе остават годишен пораст на својот извоз за најмалку 5% повеќе од просекот во последните 3 години. Финансиската поддршка ќе се однесува на покривање на 10% од директните дополнителни трошоци за остварување на тој пораст. За пораст на извозот кон државите од Западен Балкан помошта се зголемува за 10%, и нагласи дека помошта за оваа мерка не може да биде повисока од 3% од зголемување на извозот. За освојување и откривање на нови странски пазари фирмите ќе добиваат финансиски средства за покривање на 20% од трошоците.
Третиот столб, поддршката за малите и средни претпријатија има особено поволни мерки и погодности за развој, како што е на пример, финансиската поткрепа за покривање на 30 отсто од директните трошоци на компаниите, како и други 30 отсто од трошоците за обука и стручно усовршување на вработените, истакна вицепремиерот Анѓушев во толкувањето на главните точки од мерките од „Планот за економски раст“, на денешната прес конференција во Владата на РМ.
Планот за раст на економијата создава пријателска средина за бизнис и за повисок стандард на граѓаните
Прес конференцијата на која се промовираше владината програма со мерки за новите економски и индустриски политика на „План за економски раст“, предизвика исклучително интересирање меѓу новинарските екипи присутни на настанот.
Во серијата новинарски прашања до Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, и до Заменик претседателот на владата задолжен за економски прашања и за координација со економските ресори, Кочо Анѓушев, доминираа оние кои се однесуваа на предвидениот вкупен износ на оваа државна поддршка за владините мерки, како и прашањето дали овие мерки се остварливи и дали се во согласност со проектираниот пораст на бруто националниот производ на Република Македонија.
Новинарите побараа и одговор на прашањето дали државните вложувања во поддршката на развојот на индустријата ќе се вратат со очекуваните ефекти, и дали одат во насока на нивно намалување во иднина, за сметка на самостојниот раст на капацитетите на стопанските субјекти.
Меѓу новинарските прашања имаше и такви кои посочуваа на критиките на странските инвеститори кои, освен поддршка за евтината и субвенционирана работна сила, искажуваа и проблеми заради недоволната и несоодветната стручност на работничкиот потенцијал во нашата држава.
Во сферата на интересот на новинарите беше и прашањето на мониторингот и контролата во споведувањето на мерките од „Планот за економски раст“, како и за капацитетите за поддршка на домашните институции, особено на Македонската банка за поддршка на развојот и за нејзината улога во овој процес.
Во прилог на оваа соопштение е и видео материјалот од делот прашања и одговори од денешната промоција на „Планот за економски раст“, што во Владата на Република Македонија го презентираа Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, и Вицепремиерот на владата задолжен за економски прашања и за координација со економските ресори, Кочо Анѓушев.