Почитувани новинари и претставници на медиумите, добар ден.
Пред малку повеќе од 100 дена го прифатив предизвикот да бидам министер за одбрана на Република Македонија, знаејќи дека одбраната и армијата на нашата држава заедно се еден од двата клучни надворешно политички стратешки цели и столба на кои почива нашата држава.
Мотив ми беше и фактот дека еднаш бев на чело на еден млад тим, кој почна од нула и успеа на Македонија да и го донесе кандидатскиот статус за членство во ЕУ. Да бидам искрена, сите сме свесни дека нашата држава се соочува со големи проблеми и дека тие проблеми се видливи во крупни области како што е одбраната, но не очекував дека по завршени 17 годишни програми за членство во НАТО и на почеток на 18-ти, ќе затекнам не само ситуација на нулта точка, туку и на црвен минус. И тоа во секој поглед: екстремно намален буџет за Армијата и одбраната, недостаток на елементарни услови за секојдневно извршување на обврските на војниците, застареност и неодржување на опремата, нарушени односи, 82 милиони евра вредни договори кои се потпишале со една фирма, а само на неколку дена пред изборот на новата влада се поништиле. Немаше доволно пари за исплата на плати на вработените во МО и АРМ, a од друга страна, откако ја симнавме тајноста од документите за службени патувања во земјата и во странство, како и за трошоците за репрезентација, целата јавност можеше да види дека на сметка војската за која немало за чизми, функционерите од ова министерство трошеле лесно, многу и без мерка. Се уверив дека во некои области ситуацијата е полоша и од најцрните предвидувања.
И покрај декларативната заложба на минатата влада за членство во НАТО, затекнавме запрени реформи и одлагање на сите клучни процеси. Наместо секој ден поблиску до посакуваното членство во НАТО, со секој ден недомаќинско работење со одбраната, земјата се повеќе се оддалечувала од таа цел.
Состојбата беше и полоша од очекувањата и предвидувањата, но во политиката секогаш сум работела со силна верба дека ако се има јасна политичка волја, јасна цел и одговорна работа, можно е да се подобрат работите. Дозволете ми да ја искористам денешната прес-конференција да соопштам што е она што го почнавме и сработивме во текот на првите 100 дена во Министерството за одбрана како дел од новата Влада.
1. Вратен е фокусот кон клучните реформи во одбраната и членството во НАТО
На првиот ден како министер за одбрана се обврзав дека ќе се посветам на зајакнување на меѓународниот углед и позиција на нашата држава, на нејзината консензуално декларирана стратешка цел – членство во НАТО. Се обврзав дека ќе се посветам на обезбедување на неопходните реформи кои ќе ја зголемат нашата безбедност и кои ќе гарантираат професионална и ефикасна Армија. По изминати сто дена од работата на Владата и на мене како МО, со задоволство можам да кажам дека Република Македонија повторно се гледа како кредибилен субјект на меѓународната сцена, вратен е фокусот кон клучните реформи во одбраната и членството во НАТО. Дадовме збор и навистина секојдневно се држиме до него.
Од првата официјална посета на владината делегација на Брисел каде што имавме средби со првите луѓе на ЕУ и НАТО, преку моите средби со колегите министри за одбрана од неколку земји во регионот (Албанија, Бугарија, Словенија, Романија) и со претставници на речиси сите земји-членки на НАТО, направивме пробив во претставувањето на новата политика на владата на враќање на државата на патот на добрососедство, партнерство и соработка. Покажавме дека сме подготвени да се соочиме со проблемите и да ги решаваме, а не да бараме само виновници и да ги таложиме нерешени прашања.
Меѓународната заедница и НАТО ја препозна нашата решеност да ја искористиме втората шанса после 11 години стоење во место. Да ги испорачаме реформите на кои сме се обврзале. Следеше јасната поддршка на американскиот потпретседател Пенс, кој јасно порача дека САД, нашиот стратешки партнер со кој го склучивме и тој стратешки договор за соработка стои зад Република Македонија во определбите за интеграциите во НАТО.
НАТО Алијансата е сериозна организација, нејзините членки се сериозни држави и членството во таква организација се добива со исполнување на сериозни критериуми. Но, членството во НАТО за Република Македонија значи многу повеќе. Тоа значи сигурни и безбедни граѓаните, посилен економски раст зашто носи сигурност за инвеститорите, значи повисок животен стандард, зашто сигурни инвеститори и безбедни граѓани се спремни да вложуваат, да отвораат работни места и истите подобро да ги платат. Само со стабилен регион и безбедна Македонија, нашата економија ќе бележи позитивни резултати, а стандардот ќе расте.
Стратешките партнерства не се само на збор. Ги преточивме во дела. Заедничката вежба „Dragoon Guardian“ е потврда дека Република Македонија е сериозен партнер на кој НАТО и стратешки партнери можат да се потпрат. Исто како и нашето учество во мировните мисии на НАТО, за кое АРМ и Македонија добиваат само пофални зборови, покажаа дека ова стратешко партнерство е плус и за Македонија и за НАТО. Затоа се сретнав со нашите мировници од Авганистан, затоа ги посетив нашите војници на вежби во Романија и Словенија – за да покажам дека нашата држава ги цени нивните жртви и напори.
Зборот е збор и кај стратешките цели. Тоа значи дека ќе се држиме и како Влада, како министер за одбрана и на обврските кои одамна Македонија ги декларирала во поглед на зголемување на буџетот на одбраната, кој е основа за да добиеме квалитетна, професионална армија и армија со современа опрема. За таа цел, предложивме а Владата се согласи дека во идните буџети секоја години средствата определени за одбрана за нашата безбедност, за членството во НАТО ќе се зголемуваат кон обврската од 2% БДП.
Македонија – 30 членка на НАТО, не само заради стратешката цел, туку за гарантирање на безбедност на нашите граѓани, модерна и задоволна Армија и држава со сигурен економски раст.
2. Го рестартиравме блокираниот процес за изработка на Стратегискиот одбранбен преглед кој претставува клучен документ кој ги дефинира одбранбените реформи и реформите во Армијата, клучен документ за членство во НАТО.
Кога стапив на функцијата затекнав целосна блокада на процесот на изработка на Стратегискиот одбранбен преглед. Ова е клучниот одбранбен документ на државата кој овозможува градење на консензус во овие политики и кој што ја придвижува Македонија кон НАТО. Стратегискиот одбранбен преглед е основата врз која се гради Долгорочниот план за развој на одбраната и од таму треба да произлезат сите одлуки за модернизација и осовременување на армијата.
Првиот Стратегиски одбранбен преглед е направен уште во 2004 година и беше основа за нашите реформи чија цел беше членство во НАТО уште во тој период.
Претходната Влада се обврзала, а за тоа го информирала и НАТО дека започнала со работа на Стратегискиот одбранбен преглед и дека тој ќе биде готов до средината на 2018 година. Се работи за сериозен документ на кој е потребна и долгорочна работа.
Информациите од Владата биле дека тој е започнат уште пред нецели две години, меѓутоа во министерството за одбрана не затекнав ниту една испишана страница.
Во изминативе 100 дена тоа беше една од нашите клучни приоритети. Започнавме да работиме на овој документ и веќе обезбедивме советодавна поддршка од САД, Велика Британија, Бугарија и НАТО канцеларијата во Скопје. Системот на поддршка кој и помогна на Црна Гора пред таа да стане 29 земја членка на НАТО, сакаме да го искористиме и за тоа веќе ја добивме словенечката поддршка.
Го рестартиравме целиот процес и покрај доцнењето, имаме план до јуни идната година овој стратешки документ да го доставиме на дискусија и на увид на јавноста. Тој документ ќе дефинира како ќе се трансформира, на кој начин ќе се модернизира АРМ на кој начин ќе се реформира целиот сектор и на кој начин Македонија ќе обезбеди членство во НАТО.
1. Внатрешни состојби – подобрување на состојбите и поефикасни МО/АРМ
Нашата цел и нашата важна задача беше да ги подобриме условите и да ги направиме одбраната Армијата Министерството поефикасни и поквалитетни во своите задачи.
Познат Ви е случајот со раскинувањето на договорите за опрема. Само 2 дена пред промена на Владата раскинати се четири од склучените договори, сите со ист изведувач. Со тоа АРМ изгуби 82 милиони евра за модернизација оваа година.
Откривме и дека до крајот на мај 2017 година прекумерно се потрошени средствата за плати во МО и АРМ и бевме свесни за ризикот од немање доволно средства за исплата на платите, надоместоците на мисии и дел од пензиите кои се исплаќаат преку ПИОМ, но од буџетот на одбраната.
Со ребалансот на буџетот овозможивме непречена исплата на платите, надоместоците на вработените во Армијата, платите на лицата упатени во мисии и пензиите кои што ги споменав. (лица кои се предвремено пензионирани согласно Законот за служба во АРМ).
Негрижата на претходното раководство се откри и во нереализираната обврска согласно Колективниот договор, да се даде помош на семејства на вработени во МО и АРМ во ланските поплави. Таа неправда ја исправивме, обештетувањето го исплативме.
Од друга страна, шокантни се примерите на недомаќинско работење за кои предвидовме мерки и промени во начинот во работата во Министерството. Освен спорните договори, тајните трошења за репрезентација, интересен е податокот дека на 1 јуни затекнав состојба со невратени аванси за службени патувања, школувања и мисии во износ од 128.670 евра и 234.108 долари, дел од нив должени со месеци и години. Ми требаше речиси три месеци за да најголемиот дел од нив бидат вратени и законот да се почитува од сите и за сите. За 6 лица се поднесени тужби за долгови во износи и од 4000 евра до 5500 долари. Еден од нив за жал е и членот на кабинетот на поранешниот министер, кој веќе не работи во МО, но на кој на 15 дена пред изборот на новата влада му е даден аванс во износ од 5000 евра за службен пат кој траел 3 дена. Она што го работиме во моментот е ги променивме дел од процедурите за да никогаш повеќе ваква ситуација не биде возможна.
Разговарав со претставниците на четирите синдикати за навистина лошиот стандард и услови за работа на војниците. Нашата заедничка цел е политиката за подобрување на состојбите која почнува на врвот на хиерархијата, да стигне до секој војник.
Во предлог-буџетот за 2018 за кој веќе преговараме, клучната цел ми е да обезбедиме подобри, достоинствени услови за работа и да ги подобриме опременоста и готовноста на Армијата.
Веќе избравме најповолен понудувач и го склучивме Договорот за набавка на 3000 војнички пантолони. Целта ни е следната година да обезбедиме нова униформа за целокупниот состав на Армијата.
Започнавме и постапка за реконструкција на два објекти во касарните „Гоце Делчев„ и „Илинден„ во Скопје, меѓутоа, сакам да ве уверам дека ова е многу мал дел од големите и итни потреби за реновирање на просториите во кои што престојува и работи нашата Армија. Но, на оваа тема планирам посебна прес конференција на која ќе ги образложам состојбите и нашиот план како да ги решаваме проблемите.
Дел од претставниците на Синдикатите се пожалија на политизација при изборот на професионални војници, при приемот на питомци во воената Академија и на општа политизираност во работата на МО и во Армијата во претходниот период. Воведовме измени во процедурата за прием на студенти на ВА, ја зголемивме транспарентноста, што веќе даде резултати. Тестирањата на кандидатите сега се вршат анонимно со користење на шифра, без име и презиме, психофизичките тестирања се вршат целосно во ВМЦ, но и со надворешни членови од државната клиника. Епилогот е – 23 кандидати се примени и ми е задоволство што на една транспарентна процедура успеавме да кандидати за кои што се задоволени и условите на правична застапеност, меѓутоа имаме припадници и на машкиот и на женскиот пол што покажува дека војничката, офицерската професија, кариерата во АРМ не се исклучиво машки домен.
На крајот, сакам да го истакнам моето задоволство што изминатите три месеци, МО и Армијата беа на располагање на граѓаните за помош. АРМ се вклучи во гаснењето на пожарите, а министерството за одбрана обезбеди парични награди за војниците вклучени во гаснењето на пожарите. Средствата ќе бидат исплатени кога законски ќе ни биде дозволенo, после целата изборна процедура. Министерството за одбрана ги даде на користење капацитетите во воениот камп во Охрид за граѓаните кои беа вознемирени од бројните земјотреси, а АРМ помага и денеска во изградбата на локални мостови кои беа срушени во поплавите во тетовско.
Тоа покажува дека врската помеѓу граѓаните и Армијата се силни и дека само така оваа држава може да ја направиме побезбедна и подобро место за живеење.
Свесна сум дека силните притисоци за партизација од минатото ја намалија мотивација кај професионалците во секторот. Професионалците ги прават институциите силни и ефикасни и затоа ова ќе биде една од постојаните политики коja што ќе биде важна за Македонија да биде членка на НАТО и да ја подобри својата Армија и да ја гарантира безбедноста на своите граѓани.