Донација од Словачката Република за Министерството за внатрешни работи

Амбасадорот на Словачката Република Н.Е. Мартин Безак денеска на министерот Оливер Спасовски му врачи донација од Владата на Словачката Република за Министерството за внатрешни работи. 1500 пара специјални чизми се наменети за организациските единици при Министерството задолжени за заштита на државната граница.

„Најнапред сакам да му се заблагодарам на амбасадорот на Словачка г-дин Мартин Безак и на Владата на Словачка за успешната соработка што ја имаме, соработка која од ден на ден се продлабочува. Денеска Министерството за внатрешни работи на Словачката Република ни донира 1500 пара специјални чизми за македонските полицајци. Нашата успешна соработка трае подолг период и се надоградува од ден во ден, а, пред се, доби на интензитет во времето на справувањето со мигрантската криза– рече министерот Спасовски.

Партнерството меѓу министерствата од двете земји беше интензивирано во изминатиот период со присуството на словачки полициски службеници на територијата на Република Македонија за поуспешен надзор и контрола на државната граница кон Грција. До сега над 200 словачки полицајци учествуваа заедно со македонските полицајци во обезбедувањето на јужната македонска граница. Наскоро ќе пристигне и 10-иот контингент на словачки полициски службеници.

„Оваа донација од 1500 чифта е во вредност од 113.000 евра. Таа е во рамките на континуираната линија за помош од Словачката Република за Република Македонија. На пример, во екот на мигрантската криза словачките железници им обезбедија на македонските железници осум патнички вагони за транспорт на мигранти– рече амбасадорот Безак.