Отворен меморијалниот турнир во мал фудбал во чест на загинатите бранители

“Меморијалниот и традиционален спортски турнир “Херои на Македонија“ посветен, пред се, на споменот на нашите загинати колеги, нема за цел да ја ублажи нашата болка за ненадоместливата загуба. Такво нешто е невозможно. Но има за цел, во името на нашата совест и во име на највисоката вредност – човечкиот живот – да не потсетува како луѓе и како општество, никогаш да не заборавиме кому и што должиме“, ова, меѓу другото, го истакна министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во денешното обраќање на отварањето на меморијалниот турнир во мал фудбал – “Херои на Македонија -2001“ што под покровителство на Министерството за одбрана и во организација на граѓанското Здружение “Херои на Македонија“ се одржува во салата “Борис Трајковски“ во Скопје.

Во своето кусо обраќање министерот Спасовски оддавајќи почит кон загинатите припадници на МО и МВР како и кон нивните семејства, порача дека – “ нивната жртва, не само што ќе остане во колективната меморија на нашата држава и државност, туку – е и ќе биде пример – којшто како завет останува во професоналното делување на секој припадник на безбедносните институции на Република Македонија“.

Од страна пак на покривителот на оваа меморијална манифестација Министерството за одбрана, првиот човек на овој ресор министерката Радмила Шеќеринска прогласувајќи го турнирот за отворен истакна дека – “како граѓани за чија безбедност, иднина и добросостојба загинатите припадници на вооружените сили ги положиле своите животи, должни сме да го одржиме сеќавањето на нив и да и дадеме значење на нивната жртва која навистина ја цениме“.
Инаку овој меморијален турнир во мал фудбал, како што рече претседателот на Здружението “Херои на Македонија“, г-динот Владо Стојанов традиционално се одржува по осми пат, а неговиот финален дел завршува во Скопје каде што ќе се натпреваруваат седум екипи.