Премиерот Заев се обрати меѓу светските лидери на панелот „Отворено владино партнерство – Враќање на довербата во владата“, во Њујорк: Да создаваме влади што им служат на граѓаните и соработуваат со нив, така се заложува да работи и Владата на РМ
„Воспоставувањето доверба меѓу владите, граѓаните и организациите од различни видови е од клучно значење за воспоставувањето транспарентни и енергични демократии“ порача претседателот на Владата, Зоран Заев, на почетокот од своето обраќање на панел сесијата „Отворено владино партнерство – Враќање на довербата во владата“, во рамките на дебатите на Генералното собрание на Обединетите Нации.
Премиерот Заев истакна дека Македонија неодамна преживеа сурова политичка криза, чиј круцијален дел беше пробивањето на приватноста на граѓаните, што доведе до сериозно поткопување на довербата на граѓаните. Тој се осврна на искуствата од Македонија, каде се покажа дека кризата може да се надмине само низ заедничка соработка со сите граѓани, организации и политички субјекти и со силна политичка волја да се одделат институциите од партиските влијанија, за да се создадат независни институции што работат исклучуво за граѓанските интереси.
„Како новоизбраната влада, еден од нашите највисоки приоритети е да покажеме подготвеност да слушаме. Ние сакаме да ги слушаме нашите граѓани. Работиме во насока на воспоставување механизми за континуирана консултација со Владата, нашите министерства и агенции. Сакаме да ја смениме културата на комуникација во Македонија“, рече премиерот Заев.
Претседателот на Владата на Македонија потсети дека Република Македонија
во 2011 година стана 35. членка на Партнерството за отворена влада и соопшти дека досега има направено три акциски планови. 219 институции, 224 невладини организации, 30 учесници во приватниот сектор, 9 универзитети и 7 дипломатски претставници имаат свој придонес во создавањето на тековниот акционен план за 2016-2018 година.
„Ние покриваме 8 теми, 35 обврски и планираме да постигнеме 100 цели. Посебно внимание обрнуваме на транспарентноста на Буџетот и одговорноста на владините институции, стандардизираните информации за јавните набавки и наративните извештаи за здравствените програми“.
Работната група која врши надзор над спроведувањето на сегашното партнерство за отворена влада 2016-2018, предвидува нови механизми и вклучување на поголем број засегнати страни и останува фокусирана на транспарентност на Буџетот, јавни консултации и технолошки пристап за поголем број граѓани.
“Исто така, сметаме дека е важно целите на Партнерството за отворени влади да се комплементарни со целите на одржливиот развој, што се однесуваат на сиромаштијата, родовата еднаквост, чиста вода и санитација, целно партнерство, климатски активности,мирот, правда и силни институции“, соопшти премиерот Заев.
„Владата донесе одлука дека јавните информации ќе бидат обезбедени дигитално бесплатно. Ова е во согласност со нашиот план за демократски реформи, Планот 3-6-9 и нашата агенда за ЕУ. Граѓаните да можат да пристапат до разни апликации, платформи за е-демократија и платформи за отворени податоци“, рече премиерот Заев.
Претседателот на Владата, Заев оцени дека собирот на оваа тема на светско ниво, покажува колку државите и раководствата се свесни за значењето на отвореноста на Владата, како што се стреми да работи и Владата на Република Македонија.
Мојата порака денес е да дадеме живот на транспарентноста и на граѓанското учество. Да ја изградиме довербата во Владата и демократијата. Кога сите имаат еднакви шанси слободно да ги искажат своите загрижености и кога тие се сфаќаат сериозно, тогаш ние сме во заедничка и одржлива конекција со нашите граѓани за повторно градење и преиспитување на демократијата заедно.
Третиот национален акционен план на Партнерството за отворени влади ќе промовира поголема отвореност и можности за поблиска соработка со сите засегнати страни. Имаме уште многу пат за поминување, а оваа иницијатива нè одржува фокусирани.
Владите што сакаат да им служат на своите граѓани се отворени. Тие не се кријат. Тие откриваат, размислуваат и создаваат со граѓаните. Треба да ги искористиме постоечките механизми и да создадеме нови за да ги направиме нашите демократии стабилни, порача на крајот од обраќањето на панелот Отворено владино партнерство што се одржа во ОН во Њујорк, претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев.