Секторот за внатрешни работи Куманово до Основно Јавно Обвинителство Куманово поднесе кривична пријава против М.В (50) од Куманово, управител на ДПТУ„Електро Лајт“ ДООЕЛ и против ДПТУ„Електро Лајт“ ДООЕЛ поради постоење основано сомнение за сторено по едно кривично дело „употреба на исправа со невистинита содржина“, казниво по член 380 став 1 и 2 од Кривичниот законик на Република Македонија, против В.Ј. (37) од Скопје, вработен во Центар за испитување на возила „Пауер спорт систем“ Скопје, поради постоење основано сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“, казниво по член 353 став 1 од Кривичниот законик на Република Македонија и против Љ.Т.(55) од Скопје и Б.Н. (44) од Кичево поради постоење основи на сомнение дека сториле по едно кривично дело „фалсификување исправа“, казниво по член 378 став 1 од Кривичниот законик на Република Македонија.
Во текот на 2016 година ДПТУ„Електро Лајт“ ДООЕЛ Куманово купил половно теренско возило марка „Застава“ за кое поседува оригинален купопродажен договор на словенски јазик и за кое има платено уредни царински давачки при увоз во Република Македонија. Бидејќи возилото не ги исполнувало ЕКО 4 стандардите за регистрација во Република Македонија, Љ.Т. и Б.Н., по претходен договор со М.В. – управител на ДПТУ „Електро Лајт“ ДООЕЛ Куманово, за сметка на претпријатието изготвиле купопродажен договор на словенски јазик во кој внеле невистинити податоци за купувачот на возилото и датумот на склучување на договорот. Во договорот било наведено дека Б.Н. во Република Словенија, од извесно лице, во 2015 година го купил наведеното возило. Љ.Т. подоцна го фотокопирал и таквата фотокопија ја заверил кај нотар во Скопје. Б.Н., тој документ го употребил како вистински во правниот сообраќај, како прилог кон документација потребна за издавање на Потврда за отворање на постапка за идентификација на име на Б.Н. во Министерството за Економија на Република Македонија-Биро за Метерологија. Во прилог на барањето доставил и Потврда издадена од Одделението за управни работи Кичево за лице повратник од странство, кое претстојувало во странство подолго од три месеци на име на Б. Н. и фотокопија од лична карта на исто име, кои му биле потребни за да ги заобиколи законските пречки при регистрација на возилото, бидејќи лицата повратници од странство се повластени при увоз на половни моторни возила од странство кои ги поседувале најмалку 6 месеци пред враќањето во Република Македонија и немаат ограничувања за увоз во однос на ЕКО стандарди и старосна граница.
По обработка на документацијата и податоците, Бирото за Метерологија издадало Потврда за отворање на постапка за идентификација на возилото на име на Б.Н., која со Акт била доставена до „Пауер Спорт Системс“ ДОО – Центар за испитување на возила. На 22.10.2016 година, М.В., како управител, за сметка ДПТУ „Електро Лајт“ ДООЕЛ Куманово поднел Барање за идентификација и за оцена на техничката состојба на возилото до „Пауер Спорт Системс“ ДОО – Центар за испитување на возила, во прилог на кое доставил и сообраќајана дозвола издадена од земјата од каде е увезено возилото и ЕЦД образец за платени царински давачки во фотокопија, во кое јасно стои дека увозник на возилото е „Пауер Спорт Системс“ ДОО – Центар за испитување на возила. Документите за постапување ги зел В.Ј., вработен во „Пауер Спорт Системс“ ДОО – Центар за испитување на возила. Иако било очигледно дека податоците за сопственикот на возилото, ЕЦД образецот за платени царински давачки и Барањето за идентификација и за идентификација и оцена на техничката состојба на возилото и податоците за сопственикот на возилото внесени во Потврда за отворање на постапка за идентификација на возилото не се совпаѓаат и дека се работи за два различни правни субјекта, В.Ј. ја спровел постапката и издал Согласност за регистрација. Согласноста, како вистинита, подоцна ја искоритил М.В. како управител на „Електро Лајт“ ДООЕЛ Куманово и ја поднел во Одделението за управни работи Куманово за регистрација на возилото, од каде му биле издадени Регистерски таблички и Сообраќајна дозвола. Откако било откриено дека М.В., во постапката за регистрација на возилото, употребил Согласност за регистрација донесена врз основа на исправи со невистинита сиодржина, а во која нема податоци за лицето на кое се издава согласноста туку само податоци за технички карактеристики на возилото, Одделението за управни работи Куманово спровело постапка и донело Решение за поништување на регистрацијата на теренското возило марка „Застава“.