Согласно роковникот за изборни дејствија, од понеделник 25 септември 2017 година започнува изборната кампања за Локалните избори. Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги со допис ги извести радиодифузерите дека ќе продолжи со мониторингот на изборното медиумско претставување, во согласност со одредбите од Изборниот законик што се применуваат за време на изборната кампања.
Во овој период од изборниот процес, радиодифузерите што одлучиле да ги покриваат изборите треба да ги почитуваат обврските за известување на правичен, избалансиран и непристрасен начин во својата вкупна програма, а на учесниците во кампањата да им овозможат подеднакви услови за пристап, до сите облици на изборно медиумско претставување. Известувањето за редовните активности на државните органи, органите на општините и на градот Скопје, на државните институции и организации, како и за правни и на други лица со јавни овластувања, не смее да биде во функција на изборно медиумско претставување на ниту еден политички субјект. Радиодифузерите да ги почитуваат правилата за платено политичко рекламирање – со исклучок на јавниот сервис и за објавување на резултати од испитувањата на јавното мислење поврзани со учесниците во изборниот процес.
За Јавниот радиодифузен сервис важат посебни правила за време на кампањата. Во информативната програма треба да се обезбеди рамноправен пристап, при што 30% од времето да се одвои за дневните настани од земјата и светот, 30% за активностите на политичките партии на власт, 30% за активностите на политичките партии во опозиција и 10% за активностите на политичките партии кои не се претставени во Собранието на РМ. Во првиот и во вториот круг на гласање, да емитува бесплатно политичко претставување на учесниците во изборниот процес, а од денот на распишување на изборите до изборниот молк да организира дебатни емисии односно соочувања на најголемите политички партии од власта и опозицијата, како и на останатите учесници во изборниот процес.
Програмскиот сервис наменет за емитување на активностите на Собранието на РМ во времетраење од по три часа треба да обезбеди бесплатно политичко претставување на кампањите на политичките партии застапени во Собранието, како и еден час за бесплатно политичко претставување на кампањите на подносителите на листи кои не се застапени во Собранието.
За периодот на изборната кампања Агенцијата ќе објави по два поединечни извештаи за начинот на покривање на изборите за сите медиуми што се предмет на мониторинг, во два извештајни периоди. Првиот извештај ќе биде за периодот од 25 септември до 4 октомври, а вториот за периодот од 5 до 13 октомври 2017 година.
Подетални информации за правилата за изборно медиумско претставување и начинот на спроведување на мониторингот од страна на Агенцијата, можат да се видат во Изборниот законик и во Методологијата за мониторинг, достапни во посебниот банер ИЗБОРИ 2017.
Дописот кој Агенцијата го достави до радиодифузерите во врска со мониторингот за време на изборната кампања е достапен на следниот линк.